25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk, © copyright
.БИЗНИС

Тренчевска: Минималната пензија за 1,5 година ја зголемивме за 4.000 денари

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ и министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска во разговор за утринската програма на МТВ, истакна дека протестите на пензионерите не се спонтани и самоорганизирани, туку зад нив стои ДПМНЕ со цел да направи хаос во општеството.

Ако ги погледнеме сите оние низ градовите кај што има протести на пензионерите, ќе ги видиме во иницијативи, во одбори, родители на високи функционери во ДПМНЕ или пак и самите се членови на телата во партијта. Тоа укажува дека не се самоорганизирани, не е спонтана реакција на пензионерите, туку дека зад овие протести стојат токму ДПМНЕ се со цел да направат хаос во општеството, како што и впрочем години наназад работат да направат хаос во државата, рече Тренчевска.

Таа истакна дека со дијалог во 2022 година е воспоставено системско решение за постојан раст на пензиите.

Тоа е таа нова методологија која го следи растот на инфлацијата, на трошоците на живот и растот на просечната плата и која што гарантира дека растот на пензиите нема да биде условен од ниту една Влада. Тоа е систем којшто значи постојан раст на пензиите 2 пати во годината, секој март и септември раст на пензиите, нагласи Тренчевска, додавајќи дека од воспоставувањето на методологијата пензиите се покачени за 24 отсто.

Никогаш досега пензиите не биле покачени толку, минималната пензија од 9.000 денари во март 2022 година до денес е покачена на 12.500 денари, во септември ќе има уште едно усогласување, повторно покачување на пензиите, кои ќе пораснат на 13.000 денари. Минималната пензија за година и шест месеци е покачена за околу 4.000 денари, нагласи Тренчевска.

Таа најави дека денеска ќе има состанок со Сојузот на пензионери што е легитимно тело и кое се грижи за сите 330.000 пензионери и со кое сите мерки досега се договорени низ дијалог и нормално со флексибилност од двете страни и истакна дека вчера пензионерите кои протестираа и ги доставиле своите барања меѓу кои двете клучни се линеарно зголемување од 3.500 денари којшто треба да влезат во основицата за сите 330.000 пензионери и минималната пензија да биде 18.000 денари.

Прво, се поставува прашањето дали линеарното зголемување е уставна категорија, дали 18.000 минимална пензија е праведно за сите пензионери? Ако имаме предвид дека најголем дел од пензионерите којшто во моментот имаат минимална пензија имаат 15, 16, 17 години стаж а имаме и пензионери кои имаат 30, 40 години стаж кои можеби биле исто така на минимална плата и немаат висока пензија, некаде 20.000 денари, дали за нив е фер нивниот влог во пензискиот фонд од 40 години да го изедначиме со оној кој имаат 15 години контрибуција во пензискиот фонд, рече Тренчевска.

Трнчевска додаде дека со зголемувањето на пензиите 3.500 денари, фискалните импликации на државата на годишно ниво би биле 220 милиони евра, дополнително уште 66 милијарди денари кои годишно се даваат за пензионерите да можат да си ги земат пензиите на месечно ниво.

Ова е преоптеретување за фондот и ќе ја доведеме во прашање стабилноста на пензискиот систем. Ако сме популисти, а не сме како Влада, ние веднаш можеме да го направиме тоа, да не водиме сметка за сите 330.000 пензионери, да кажеме да, еве одредена група на пензионери ќе бидат задоволени и после 4 месеци ниту еден пензионер да не зема пензија затоа што фондот не може да го издржи ова финансиско оптеретување, истакна Тренчевска.