23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВМАКЕДОНИЈА

Секогаш ќе има платени насилници, вознемирени „патриоти“ и корисни идиоти

ЏАБИР ДЕРАЛА

Како функционираат пропагандните машинерии? Тие се служат со низа софистицирани методи што се невидливи за просечниот корисник на социјалните мрежи. Се работи за масивни и исклучително скапи операции, кои вклучуваат комплексен систем од средства за јавна комоникација, широка коруптивна мрежа и апаратус за принуда, заплашување и – елиминација. Затоа, имајќи го ова предвид, кога ќе погледнеме на тоа што пропагандата прави на социјалните мрежи, ни се чини како детска играчка. Сепак, тоа не е целосно точна констатација.

Тоа што може најлесно да се забележи е вештата (зло)употреба на емоциите и расположението на луѓето. Како функционира тоа? Гледано во целина, тоа ни оддалеку не е едноставна операција. Но некои делови од овие машинерии се толку видливи и разбирливи, колку што се грди.

Да ги погледнеме најистурените пешадинци во секоја пропаганда – троловите.

Троловите на социјалните мрежи се веќе одамна удобно вгнездени и „слеани“ со општата маса на корисници на социјалните мрежи. Тие не се во голем број, но затоа се добро организирани, а нивното присуство е интензивно.

Окупација

Доволен е еден површен поглед на социјалните мрежи, за да се заклучи дека, всушност, нема многу коментари од „нормални“ корисници на социјалните мрежи. Интернет просторот е окупиран од политизирани војски од тролови. Просторот за онлајн активност на „обичните“ смртници е стеснет на можноста да ги следат објавите и, евентуално, да кликнат на опциите за реакција.

Според сведочењата, и тој простор е ограничен, бидејќи онлајн „специјалците“ умеат и за обичен лајк на социјалните мрежи да се втурнат во груба и вулгарна директна комуникација со оние што, барем со лајк, реагирале на некоја содржина на социјалните мрежи. Тоа предизвикува страв и несигурност кај повеќето луѓе. Тие, едноставно, се откажуваат од интеракција на теми што може да бидат причина за напад од онлајн насилниците.

100 следбеници за 100 рубљи

Кога се потребни поголеми онлајн акции, се ангажираат трол фармите чии услуги, за одреден паричен надомест, се ставаат во функција на нарачателот. Но тоа не се многу комплексни, ниту прескапи операции.

„Инфлуенсер(к)ите“ можат, за навистина малку пари, да изградат големи мрежи на „следбеници“. Така, во Русија, за 100 рубљи (едно евро) можете да добиете 100 нови следбеници на вашиот профил на социјалните мрежи. Тие услуги се достапни насекаде. И не се забранети со закон.

Што се однесува до општествените и политичките теми, ситуацијата е далеку посложена. Но да се задржиме на поедноставните и полесно видливите и разбирливи методи – ширење на говорот на омразата и дезинформациите.

Таргет: ЦИВИЛ

Дел од топ фановите*[i] на ЦИВИЛ, на пример, се воедно и најголемите дистрибутери на говорот на омразата на социјалните профили на организацијата и нејзината медиумска платформа. Се разбира, тие своите пораки ги споделуваат и на низа други „специјализирани“ социјални профили, познати по нивната ноторна омраза и дезинформации. „Титулата“ топ фан, нашите „омилени“ тролови ја заслужиле поради редовноста и интензитетот со кои се „закачени“ речиси буквално на секоја објава на ЦИВИЛ. Релативно добро организирани, а нивната цел е да дискредитираат, релативизираат и да заплашат.

Опасност

Дали се опасни? Да. Може да бидат опасни. Пред сѐ опасни се затоа што внесуваат забуна и заблуди за фактите што ги објавуваме. Нивниот интензивен напад го загрозуваат кредибилитетот на Авторките и Авторите на анализи и колумни. И, не помалку важно, нивниот говор на омразата може да предизвика насилство и дела од омраза против новинарските екипи и експертите со кои соработуваат редакциите.

Тие постојано се обидуваат да им соопштат на сите, директно или индиректно, дека се способни да ја загрозат личната безбедност на луѓето што не мислат како нив.

Решение

Што може/треба да се направи? Иако вешто ја злоупотребуваат слободата на говорот и уживаат во заштитата на радикалните политички структури, сепак, нивните акти многу често се противзаконски. Точно. Институциите се должни да се грижат за безбедноста на оние што се мета на црните кампањи со говор на омразата и дезинформациите.

Што може секој од нас да направи? Ништо? Далеку од тоа. Прво, не треба да се влегува во директна конфронтација со нив. Второ, можеби уште поважно, луѓето не треба да се плашат од тоа да поддржат или да водат нормална, аргументирана дискусија за пораките и медиумските содржини на социјалните мрежи. Нема зошто да им се попушти на организираните онлајн насилници и да им се отстапи просторот што им припаѓа на сите. Само така може да се истиснат, барем делумно од главните авении на комуникациите.

Се разбира, секогаш ќе има платени насилници, вознемирени „патриоти“ и корисни идиоти. Но тоа не значи дека се мнозинство, како што (барем делумно) успешно се прикажуваат. Напротив. Тие се неспоредливо помалобројни од оние што се нормални, пристојни и интелигентни битија.

извор: Civilmedia.mk