23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.СТАВМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Колумна на д-р. Живко Груевски: „Еуромакс Одлучно ПРОТИВ Рудници на Смртта!“

Колумна, пишува – д-р. Живко Груевски

И веднаш за да нема никаква дилема, да бидам јасен овој наслов не е печатна грешка и вие правилно сте го прочитале и разбрале.

Еуромакс Ресоурцес е одлучно против „рудници на смртта“, против „екоцид и геноцид“, против застарени технолошки методи и стандарди во рударството, против користење на цијанид, киселини и токсични хемикалии; против небезбедни брани за течни јаловишта, загадување на надземните и подземните води, дополнителни загадувања на плодните почви и воздухот; против застарено и неконтролирано користење на експлозивни материи, неподнослива бучава и неконтролирано создавање на облаци од прашина; Еуромакс е против принудно дислоцирање на постојни живеалишта и раселување на регионалното население, девастирање на природата и животната средина по истек на периодот за активна експлоатација… Да, ние сме одлучно против сите форми на шпекулативни и коруптивни договори помеѓу политичко-економски структури, секој вид на политичко влијание и притисок врз независните судски органи; против разни структури-странски служби, конкурентски бизнис компанииили политички партии кои за своите лукративни интереси финансираат формирање и активности на лажно загрижени „граѓански активисти“ чија добро платена задача е да шират дезинформации и шпекулации. Тие злонамерно креираат хистерија и страв од катастрофични сценарија што треба да резултира со комплетен застој и назадување на државата, деструкција и економски колапс, континуирана политичка нестабилност и подгревање на целосната недоверба на граѓаните во капацитетите на системот, во секого, во се и сешто…. Токму затоа, ние сме апсолутно против сите форми на користење говор на омраза, сеопшти повици за радикален бунт и линчување на неистомислениците, против сите агресивни националистички изблици на етничка и религиозна дискриминација.

За жал, морам да констатирам дека во изминативе пеколно топли денови во нашата држава, со неподносливо болна леснотија и со нагласено дилетантска трагикомичност кулминираа хистерично на отворена сцена поголем дел од горенаведените зла.

Ваквата енормна доза на негативна енергија и фрапантна површност и неодговорност кај мноштвото на овие актери, само ја засилија мојата лична посветеност за аргументирано презентирање на ВИСТИНАТА за мега-Проектот, рударскиоткомплекс Иловица-Штука.

Да, сите ние од Еуромакс Ресоурцес недвосмислено сме одлучни ЗА реализација и долгорочно функционирање на рудникот за Подобар ЖИВОТ – Сега и Веднаш!

Современиот рударски комплекс Иловица-Штука е стручно проектиран и ќе биде менаџиран по сите највисоки светски стандарди со примена на најнови техничко-технолошки методи и потврдено добри практики. Приоритетно се залагаме за целосно безбеден и еколошки одржлив индустриски капацитет со огромни придобивки за економијата, раст на извозот во просек над 200 милиони евра годишно, значително зголемени приливи на девизни средства што ќе придонесе за подобрување на структурата на билансот на плаќање и одржување на стабилниот курс на денарот, раст на БДП со приближно 4% годишно…. Веднаш во првите две години од изградба, Еуромакс ќе инвестира околу 350 милиони евра, од кои над 180 милиони евра ќе бидат исплатени на домашни компании кои активно функционираат во сектори како градежништво, транспорт, механизација, опрема, информатичка технологија итн. Во текот на целиот период од оперативното работење на рударскиот комплекс ќе се исплаќаат кумулативно по 75 милиони евра секоја година на повеќе локални кооперанти за тековно одржување, снабдување со неопходни производи и разни сервисни услуги. Зборуваме за најширок опфат на домашни компании кои се занимаваат со земјоделство и прехрамбена индустрија, угостителство, текстилна, хемиска и дрва индустрија, занаетчиство, одржување и тековно сервисирање… Во согласност со актуелните законски прописи секоја година ќе се уплаќаат приближно од 25 милиони евра во државниот буџет, а над 3 милиони евра годишно ќе се слеваат директно во буџетите на локалните управи на оштините Босилово и Ново Село. Само вака реално ќе се обезбеди стабилно финансирање на локалните управи за да ефективно се реализираат нивните дефинирани проекти за заштита на животната средина, водоснабдувањето, локалната инфраструктура, поддшка на земјоделството, реновирање и изградба на нови училишта, културни и спортски објекти.

Затскриени под маските на граѓанскиот активизам, добро платените кочничари на развојот упорно манипулираат со јавноста. Се обидуваат да ја игнорираат реалноста дека само богати и економски развиени земји можат ефикасно и приоритетно да инвестираат во заштита на животната средина, да обезбедат високи стандарди и технички услови во делот на хигиената и здравјето на луѓето, во образованието, културата…. или воопшто во креирање на квалитетни параметри за достоинствено и среќно живеење.

Рударскиот комплекс Иловица-Штука ќе создаде потреба од околу 3200 нови директни и индиректни работни места од најразлични професии, со што значително ќе се помогне на нашата држава за ефикасно намалување на долгогодишниот девастирачки тренд на економски мотивираната миграција. Секој рационален човек знае дека за да се постигнат подобри и повкалитетни животни услови и атрактивни перспективи за младите генерации, не се доволни само декларативни заложби. Неопходни се конкретни акции и дела. Само големи инвестициски проекти, отворање на нови капацитети во реалното стопанство, производство и извоз, можат брзо да создадат позитивни промени и напредок.

Јасно и прецизно – сите ние од Еуромакс Ресоурцес сме одлучно против рудници на смртта, но уште поодлучно ЗА Проектот Иловица-Штука како современ рудник за подобар ЖИВОТ – Сега и Веднаш!