Даниела Колева, пратеничката на СДСМ, на денешната прес-конференција истакна дека, освен покачување на платите за работниците во сите сектори, со економските политики СДСМ создаде услови за развој на економијата и бизнис-секторот, еднакво за домашните и странските компании.
Силната поддршка на компаниите, како што рече, придонесе за раст на инвестициите, намалување на невработеноста и отворање нови и добро платени работни места.
„Затоа, денес, имаме 8 % намалување на невработеноста и 9,5 % зголемување на вработеноста во државата. Поддржани се 410 компании со 23 милиони евра во согласност со Законот за финансиската поддршка на инвестициите. Преку овој закон СДСМ обезбеди сет мерки за финансиска поддршка за капитални инвестиции, поддршка за нови вработувања, поддршка за активности во истражување и развој, поддршка за проекти од значење економски интерес на државата. Создадовме стабилна бизнис-клима, каде што, наместо страв од клуч на врата, како во времето на ДПМНЕ, постои заемна доверба и партнерски однос меѓу Владата и компаниите. Со континуирана поддршка за компаниите врз основа на овој закон и во текот на оваа 2023 година очекуваме да се надмине бројката на поддржани компании од лани“, вели Колева.
Појаснува дека минатата година имавме рекорден износ од 750 милиони евра директни странски инвестиции и дека Северна Македонија не е веќе земја во која има евтина работна сила, туку земја во која се почитува и вреднува трудот на работникот.
„Бројката на вработени во технолошко-индустриските зони веќе надмина 17.000, во изминатите пет години бележиме 10.000 нови работни места. Ги помогнавме компаниите создавајќи конкурентни работни места со плати над просечната. Овозможивме раст на минималната и просечната плата, со тоа и раст и на пензиите, што резултира со зголемување на животниот стандард на граѓаните“, истакнува пратеничката на СДСМ.