Годинава се одбележуваат седум децении од постоењето на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“. Во рамките на отворените денови на Институтот се организираат неколку настани, излагања и научни конференции.
Од утре почнува дводневна научна комуникација меѓу учесниците и професорите за да се видат новите сознанија како во македонистиката така и воопштво во лингвистиката.
„Во рамките на отворените денови веќе осма година организираме меѓународна научна конференција Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања. Годинава централна тема заради јубилејот се разбира е 120 години од излегувањето на книгата „За макдонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков и се поканети гости оттука но и од странство, од славистичките центри. За оваа конференција се пријавија над сто учесници од кои 22 странци. Станува збор за една голема конференција во која покрај учесници од Македонија ќе има и од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Чешка, Полска, Америка. Сите овие наши колеги утре и задутре, 27 и 28 јуни, ќе работат во три сесии, во три простории истовремено каде учесниците ќе ги прочитаат своите излагања. Покрај централната тема, имаме и теми кои се работат секоја година: историја на македонскиот јазик, ономстика, стилистика, современ македонски јазик“, за Трн потенцираше проф. Д-р Лидија Тантуровска, претседател на Меѓународниот организациски одбор на научната конференција.
Во склоп на оваа конференција ќе биде промовиран Зборникот од минатата конференција. Ќе го промовира професорката Лидија Аризанковска од Филолошкиот факултет.
Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова Грујовска, го отвори денешниот настан со претставување на институтите од регионот и ретроспектива на работата на институтот низ годините. Таа на почетокот се обрати: „Денешниот ден е предвиден за претставување и размена на искуства на регионалните институти и институции во кои се изучуваат словенските јазици. Повиквме и колеги кои работат на изучување и афирмација на македонскиот јазик во странство. Ја прошируваме и продлабочуваме нашата работа“.
Повеќе од 50 години на влезот на институтот постои спомен соба на Крсте Мисирков, кои што ја посетуваат ученици, студенти и научници лингвисти од целиот свет.
Последното реновирање на музејската поставка е направено на почетокот на 2021 година. Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков е основан март 1953 година, пред 70 години со задача сестрано да го проучува македонскиот јазик, да ги поттикнува творечките потфати во таа област, да се грижи за усовршување на научните и стручните работници во него. Во текот на изминатите години, како придружна членка на УКИМ постапно израсна во значајна научна институција во која што се работи на големи и значајни проекти и се вршат значајни научни истражувања.
„Денеска во Институтот се работи на неколку важни проекти за македонистиката иако пред 14 години нивното финансирање беше прекинато. Од ноември 2021 министерството за образование и наука повторно започна со финансирање на проекти. Најновиот е Лексиката на македонската народна проза, многу сериозно се работи и на Етимолошкиот речник на македонскиот јазик“, посочи директорката на Институтот, Елена Јованова Грујовска.
Трн: Што е новина на институтот?
Елена: Пред неполни две години, институтот работеше во пет одделенија, а од минатата година почнаа со работа и следниве одделенија: индоевропистика и комуникологија.
Подлога за оддлението комуникологија се нашите постдипломски студии македонски јазик со комуникологија и на кој што се пријавуваат доста студенти, се покажа дека има голем интерес и решивме затоа да ги направиме и овие комуниколошки истражувања.
Трн: Колку има влијание институтот за отворање катедри за македонски јазик во другите држави?
Елена: Ние ги повикуваме нашите професори од другите славистички центри, затоа што тоа е дел од традицијата. Тоа е основа за заеднички проекти, за заеднички конференции, но и за отворање катедри и за поддршка на катедрите по македонски јазик вио другите држави.
Колегата Васил Стерјовски е дојден од Фан Ноли, Корча за да каже како во Фан Ноли, Албанија годинава се отвора катедра за македонски јазик и ќе се студира македонски јазик во Корча.
Потоа тука е Ивица Баковиќ од Загреб којшто е раководител на катедрата за македонски јазик и литература во Загреб и таа функционира веќе шеста деценија. И во Словенија и во Србија има изучување на македонскиот јазик.
Александра Тодоровиќ
извор Трн.мк