Вицегувернерот на Народната банка, Фадил Бајрами, учествуваше на конференција од високо ниво за зелените финансии во Југоисточна Европа, под наслов „Развој на капацитетите и таксономија“, во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), како и на Годишниот состанок на Одборот на ЦЕФ. Конференцијата, којашто се одржа во Тирана, Албанија, ги обедини високите претставници на централните банки, министерствата за финансии и центрите за знаење од регионот, во дискусијата за досегашниот напредок и идните чекори, како придонес кон постигнувањето на целта Европа да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година. Финансискиот сектор игра значајна улога во зелената транзиција, а истовремено тој е и изложен на ризици од климатските промени. Европската агенда за зелена транзиција го вклучува и развојот на зелените финансии, кон што заеднички дејствуваат и носителите на политиките. Со цел да се изгради отпорноста на финансискиот сектор кон климатските промени, справувањето со нив станува дел од пошироките цели на централните банки.
Народната банка ги препозна можните ризици за финансискиот сектор од климатските промени, оттаму справувањето со нив стана една од стратегиските цели на банката. Централната банка стана дел од Меѓународната мрежа за „зазеленување“ на финансискиот систем, што овозможува постојано следење на активностите на глобално ниво во оваа сфера и примена на најдобрите практики во домашната економија. За поттикнување на кредитирањето за поддршка на проекти од областа на заштитата на животната средина и енергетската ефикасност од страна на банките, Народната банка минатата година го измени инструментот на задолжителната резерва со која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Притоа, податоците говорат дека интересот токму за зелени кредити е сѐ поголем, поточно од почетокот на периодот на објавување (четвртиот квартал од 2019 година) заклучно со првиот квартал 2023 година тие се повисоки за околу 120%. Во завршна фаза е и изработката на првата национална стратегија за поттикнување на зеленото финансирање, којашто предвидува мерки како редовни стрес-тестирања за оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени, како и насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии.
На Конференцијата учествуваа гувернерот на централната банка и министерот за финансии на Албанија, како и претседателката на ЦЕФ, вицегувернерот на централната банка на Словенија, како и други високи претставници. Од Народната банка учествуваше и Наташа Андреева, директорка на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика.