Државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) му понудила на „ЕВН хоум“ за околу 5,35 отсто пониска купопродажна цена на струјата за периодот од јуни до декември годинава, во однос на сегашната цена.
Ова денеска го соопштија од универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, од каде што информираа дека „Електрани на Северна Македонија“ доставила понуда за купопродажна цена на електричната енергија од 53 евра за мегават-час
„Оваа цена е за околу 5,35 проценти пониска од претходната која беше добиена на последниот тендер на универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2023), кога ЕСМ понудија купопродажна цена од 56 евра за мегават- час“, соопштија денеска од „ЕВН хоум“.
На тендерот на „ЕВН хоум“ пристигнала понуда само од ЕСМ.
„За цената на електричната енергија на ‘ЕВН хоум’ во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри, како што се: цената по која АД ЕСМ ја продаваат електричната енергија на ‘ЕВН хоум’, цената на преносниот систем оператор МЕПСО, цената на операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на дистрибутивниот систем оператор ‘Електродистрибуција’“, информираат од „ЕВН хоум“.
Новата цена на струјата најверојатно ќе се соопшти следната недела, а ќе важи од први јули.