18. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Во Европа сме познати по имплементацијата на Гаранцијата за млади, се вклучиле над 80 илјади млади

„Она по кое сме познати како помеѓу младите во нашата држава, така и во Европа е успешната имплементација на Гаранцијата за млади. Сеуште не сме дел од Европската унија, а работиме по европски стандарди. Од 2018 година во континуитет успешно го спроведуваме проектот Гаранција за млади. Ова е Европска носечка иницијатива која одговара на предизвикот со кој се соочуваат младите лица откако ќе го заокружат процесот на образование. Од воведувањето во 2018 година до денес, над 80.000 млади лица се вклучија во Гаранцијата за млади“ изјави министерката за труд и социјална политика и претседателка на форумот на жени на СДСМ, Јована Тренчевска на младинската трибина „Млади, иднина, Европа“ во Скопје.

Таа кажа дека изминатата година преку Гаранцијата за млади биле вклучени над 20 илјади млади, невработени лица во некоја од активните мерки за вработување, со цел да ја зголемат нивната вработливост.

„Ги поддржуваме и младите кои по навршување на осумнаесет годишна возраст, а заклучно со нивните 23 години веднаш се вклучиле во работен однос во производство. Тие месечно на својата сметка добиваат младински додаток од 3000 денари“ рече Тренчевска.

Министерката рече дека е горда на тоа што секоја година се повеќе средства се издвојуваат за Оперативниот план за вработување, кој ова година изнесува над 32 милиони евра и е за два милиони евра повеќе од претходната година.

„Најатрактивната мерка за младите која овозможува да си ги остварат своите соништа и своите идеи да ги гледаат како реален резултат е мерката за самовработување, оваа година шанса преку оваа мерка ќе добијат рекордни 2078 невработени лица“ рече Тренчевска.