23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Својата неконзистентност во ставовите Мицкоски ја компензира со национализам

Нашите аспирации се кон ЕУ, а тоа подразбира дека партиите и политичарите треба да развиваат и политичка култура во која одлуките не секогаш ќе се донесуваат низ перспектива на изборни резултати, односно порази или победи, порача вицепремиерот Фатмир Битиќи во интервју за Локално.

За тоа дали во моментов иднината за Македонија зависи токму од лидерот на опозицијата, Битиќи смета дека Мицкоски вовел еден нов „квалитет“ во политичкиот простор, а тоа е неконзистентност и нејасност во јавното изнесување на политички ставови кога станува збор за стратешки интереси на државата.

-Својата политичка неодговорност се обидува да ја компензира и со политички наратив кој посејува страв, недоверба во општеството, кој разгорува национализам. Зборува за некакво обединување, а упатува пораки на разединување. Вели дека целта е „опстанување на земјата.“ ЕУ нам не ни е егзистенцијален непријател па да се „обединуваме“ против неа. Напротив, евроинтерацијата може да даде дополнителна политички витална енергија на државата, истакна тој во интервјуто.

На прашањето дали би застанал на премиерската позиција, според последниот договор меѓу ДУИ и СДСМ за премиер Албанец, доколку не се направат уставните измени, Битиќи е дециден дека „да се служи подразбира и достапност и храброст за предизвик на кој твојата држава те повикува“.

– Би било чест да им служам на сите мои граѓани од премиерската функција, секако доколку тоа биде побарано од мене, како што тоа го правам и од оваа функција, додаде вицепремиерот задолжен за економски прашања.

Според него најмалку е важно колку добива СДСМ или колку губи бидејќи совесните и одговорни политичари размислуваат за идните генерации, а популистите за идните избори.

Кога станува збор за стратешки одлуки од кои зависи иднината на државата политичкото калкулирање или одмерување е симптом на неодговорно политичко однесување. Нашите аспирации се кон ЕУ, а тоа подразбира дека партиите и политичарите треба да развиваат и политичка култура во која одлуките не секогаш ќе се донесуваат низ перспектива на изборни резултати, односно порази или победи. Затоа никој овде никого не „наведува“, туку како владејачка партија го артикулираме историското и стратешкото значење на уставните измени, со кои само државата добива. Второстепено е прашањето дали со тоа некој од партиите ќе има повеќе или помалку гласови на парламентарни избори. Мора да ја надминеме аномалијата која политичкото одлучување го подведува само под тесни партиски интереси. Постојат политички околности, како овие, во кои одлуките треба да се засноваат на интересите и перспективите на граѓаните, заклучи Битиќи.