Политичките партии на Албанците и да сакаат не можат да отстапат од проевропскиот и проамериканскиот курс, од причина што поддршката на Албанците од Северна Македонија за оваа стратешка определба на државата е исклучително голема, велат за „Фронтлајн“ познавачите на политичките случувања во земјава.
Поранешниот пратеник и кандидат за претседател Зуди Џелили вели дека оваа определба ја негувала Албанците, а политичката елита точно знае дека единствената перспектива за државите од Западен Балкан е членството во Европската унија (ЕУ).
– Колку пати се анкетирани граѓаните на Северна Македонија, колку се заинтересирани земјата да влезе во ЕУ, особено Албанците се изјаснија со многу високи проценти. Политичката елита точно знае дека единствената перспектива за земјите од Западот Балканот е да влезат во ЕУ. Секоја политичка партија на Албанците ја има оваа цел во своите програми, и никогаш не покажале никаков сомнеж. Партиите на Албанцит поддржаа секој политички договор за овие прашања, тие безусловно го поддржаа патот до НАТО, кон ЕУ, договорот од Преспа, го поддржаа референдумот, го поддржаа францускиот предлог, го поддржуваат договорот за уставни измени, го поддржуваат Фронтот за Европа итн, изјави Џелили за „Фронтлајн“.
Од друга страна политикологот Иво Рангеловиќ смета дека доколку продолжат политичките манипулации врз ова општество, и Албанците решително и масовно ќе ја напуштат државава по самиот влез во ЕУ.
– Сите граѓани на оваа земја ги чувствуваат тешкотиите на секојдневието и погазувањето на достоинството и суштината на човечкиот живот, без разлика дали се Македонци или Албанци. Во минатото, партиите за да опстанат се служеа со национализам и така опстојуваа повеќе од 20 години. Денес платформата на опстојување е европската перспектива, односно интеграција – сламка за која се држи суштината на постоењето на партиски блок на Албанците (и Македонците). Целта на партиите на Албанците треба да биде како да се подобри животот на сите граѓани, меѓу кои и Албанците, за полесна интеграција во европското семејство. Доколку продолжат политичките манипулации врз ова општество, бидете уверени дека Албанците решително и масовно ќе ја напуштат државава по самиот влез во ЕУ, што ќе придонесе за драстична промена во социјалните динамики на Македонија, вели Рангеловиќ во изјава за „Фронтлајн“.
Претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија и поранешен пратеник Исмет Рамадани вели дека Албанците отсекогаш биле и се евроатлантски ориентирани.
– Албанците упорно инсистираат на тоа дека и Македонците треба да бидат убедени дека по членството во НАТО, мора да се реализира и другата стратешка определба за Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Сега мора да заврши декларативното промовирање на прозападната ориентација, време е да се промовираат евроатлантските вредности. Албанците најдобро знаат што значи да ти ги игнорираат јазикот и идентитетските, затоа се солидаризираат со своите сограѓани Македонци, иако во одредени периоди различни структури на Македонците не биле пријателски расположени кон Албанците, потенцира Рамадани во изјава за „Фронтлајн“.
Дестан Јонузи / Frontline.mk