Трошоците за живот во Северна Македонија се за повеќе од половина пониски од Германија, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика. Поевтино од Македонија е само во Турција, пишува Дојче Веле.
Северна Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика Дестатис. Германските статистичари ги анализирале цените на голем број производи и услуги во различни категории во 40 европски држави. Заклучно со март годинава, Северна Македонија е делумно поскапа само од Турција, а поевтина од сите други земји на европскиот континент.
Анализирани се цените на храна, пијалоци, тутун, облека, енергија, транспортни трошоци, телекомуникации, културен живот и забава, како и хотели и ресторани. Речиси во сите категории Македонија нуди меѓу најниските цени, а во некои категории е и убедливо најевтина. За основа на истражувањето се земени цените во Германија и тие се појдовна точка (100%) од која се прави споредбата со други држави.
Севкупно, во сите категории, цените во Македонија се на ниво од 49% од цените во Германија- или обратно, тие се за 51% поевтини. Генерално е поевтино само во Турција каде нивото на цените е 39 отсто од германските.
Најевтини цигари и храна
На пример, храната и безалкохолните пијалоци во Македонија се 62% од просекот во Германија, со што се најевтини меѓу сите 40 европски земји. Тука се пресметани просечните цени на леб, месо, риба, млечни производи и јајца, масло и маслени производи. Убедливо најевтини во Европа се и цените кои ги имаат овошјето, зеленчукот и компирите во Македонија. Тие се на ниво од 45% од цените во Германија. За споредба, во регионот на Балканот, цените во Србија се на ниво од 86% од германските, во Хрватска- 76%, во Грција-67%, а во Албанија 77%.
Цигарите и производите од тутун се поевтини само во Турција. Цените во Македонија на тутунот се речиси една третина од цените во повеќето членки на ЕУ, а во однос на некои држави се поевтини и за пет пати. Истото важи и за облеката и чевлите. Поевтини цени во тие сектори на европско тло има само во Турција, иако цените во Македонија не се далеку од европскиот просек.
Во делот на енергетиката, четири европски држави се поевтини од Македонија. Тоа се: Турција, Србија, Албанија, Црна Гора, а Унгарија има идентични цени. Во овој дел се пресметуваат цените на струјата, гасот и други горива.
Целиот текст на Дојче Веле.