Седум закони, од кои две ратификации, како и едно автентично толкување на закон, донесе денеска Собранието, на продолжение на 115. седница.
Петте закони што претходно ги разгледуваше Комисијата за европски прашања беа усвоени со по 62 гласа „за“ и по 43 „против“. Единствено, за Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, против гласаа 44 пратеници.
Другите четири закони што ги донесе денеска Собранието со по 62 гласа „за“ се: Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, по скратена постапка; Закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација, по скратена постапка; Закон за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка и Закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка.
Претходно, во почетокот на денешното продолжение на оваа седница, со по 65 гласа „за“ беа усвоени: Закон за ратификација на Конвенцијата за меѓународни изложби, потпишана во Париз на 22 ноември 1928 година, изменета и дополнета со Протоколите од 10 мај 1948 година, 16 ноември 1966 година и 30 ноември 1972 година и дополнувањата од 24 јуни 1982 година и од 31 мај 1988 година и Закон за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за делегирање на услуги во воздушниот сообраќај на дел на воздушниот простор над Охридското Езеро.
Со 64 гласа „за“ и 28 „против“, Собранието денеска го усвои и Барањето за давање на автентично толкување на член 115 ставови (12) и (15) , а во врска со член 109 став (3) од Законот за основното образование, поднесно од пратеникот Бети Стаменкоска Трајкоска.