Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман во понеделникот рече дека Хрватска го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, но од клучно значење е овие земји да се усогласат со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
„Хрватска силно го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, но во исто време повикува на поголема соработка, добрососедски односи, почитување на европските вредности, при што усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ останува клучно“, рече министерот.
На шефовите на дипломатиите на ЕУ, кои во понеделникот се собраа на нивната редовна месечна средба, ќе им се придружат и нивните колеги од Западен Балкан, со кои ќе имаат неформална дискусија за време на работен ручек.
Кога станува збор за усогласување со надворешната политика на ЕУ, Србија е единствената земја на Западен Балкан која одбива целосно да се усогласи и не сака да воведе санкции кон Русија, пренесуваат медиумите во соседството.
Една од централните теми на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, според написите, ќе биде токму тоа. Во последните недели, ЕУ разговараше за 11-тиот пакет санкции против Русија, главно фокусирани на тоа како да се избегне заобиколување на досега воведените санкции.
Европските дипломати се обидуваат да состават список на приватни компании кои и помагаат на Русија да ги заобиколи санкциите, како и да ја прошират листата на санкции со нови имиња на руски функционери. ЕУ подготвува и одлука за исплата на 500 милиони евра од Европскиот инструмент за мировна помош на земјите-членки кои ја снабдувале Украина со муниција од нивните залихи.
Унгарија повторно поставува услови за нејзина согласност за сите три одлуки. Будимпешта бара унгарската „ОТП банка“ да се тргне од листата на „воени спонзори“.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто се закани дека ќе блокира нови санкции против Русија додека „ОТП банка“ не биде отстранета од „црната листа“.
Министрите треба да одлучат и за нови санкции против Иран