26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Немаат за сметки, а ручекот во ресторан е луксуз: Еве како живее петтина од Германците

Немаат пари за плаќање сметки, а ручекот со пријателите во ресторан е недостижен луксуз?

Сиромаштијата, а со тоа и социјалната изолација, им се закануваше на една петтина од граѓаните на Германија минатата година.

Ова е околу 17,3 милиони луѓе, или 20,9 отсто од населението, според Федералното биро за статистика. Слично беше и претходната година, кога тој удел беше точно 21 процент.

Во вторникот, статистичарите ги презентираа прелиминарните податоци од Европското истражување за приходите и условите за живеење (EU-SILC).

Според критериумите на Европската унија, сиромаштијата или социјалната исклученост некому му се заканува доколку исполни барем еден од трите услови.

Тие услови се заработка под прагот на сиромаштија, ако домаќинството се соочува со тешка материјална или социјална депривација или ако многу малку членови на домаќинството се вработени.

Некои луѓе во Германија се погодени од еден од условите, на пример ниски плати, додека други страдаат од сиромаштија и изолација според сите три критериуми.

Што се однесува до заработката, се смета дека едно лице е изложено на ризик од сиромаштија ако има помалку од 60 проценти од просечниот приход. Минатата година таа линија изнесуваше нето 1.250 евра месечно за самци.

Поточно, околу 12,2 милиони луѓе во Германија или 14,7 отсто живееле под сенката на сиромаштијата, а во 2021 година ги имало 16 отсто.

Минатата година, 5,1 милиони луѓе, или 6,1 отсто, претрпеа тешка материјална или социјална депривација во Германија, повеќе од 4,3 отсто во 2021 година.

Што точно значи тој термин? Тоа значи дека животните избори се „прилично стеснети“ поради недостаток на пари, објаснуваат статистичарите.

На пример, не можат да плаќаат кирија или хипотека, да одат на одмор една недела, да го заменат дотраениот мебел или еднаш месечно да одат во ресторан со семејството или пријателите.

Што се однесува до третиот критериум, во Германија во 2022 година, околу 9,7 отсто од населението под 65-годишна возраст, или 6,1 милиони луѓе, живееле во домаќинство со многу малку вработени. Една година претходно нивното учество во населението беше 9,5 отсто.

Сеопфатна споредба во рамките на Европската унија ќе биде можна кога сите земји-членки ќе ги достават своите податоци. Досега тоа го направиле околу половина од нив.

Според нецелосните податоци, најмалку луѓе кои живеат во сиромаштија или социјална изолација има во Финска, 16,3 отсто. На спротивната страна од скалата е Бугарија со 32,2 отсто.

Во 2021 година, со 21 отсто, Германија беше малку под тогашниот просек на ЕУ од 21,7 отсто.