24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Петровска: Да работиме заедно за да ја развиеме технолошката интероперабилност, која ја зацврстува безбедноста

Влијанието на технологијата врз безбедноста, потребата да се задржи технолошката предност и постигнувањето целосна технолошка интероперабилност беа темите на кои се осврна министерката за одбрана Славјанка Петровска на отворањето на 51. панел-средба посветена на технологијата на информациските системи, организирана од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

Петровска порача дека евро-атлантската област се соочува со предизвици во доменот на новите технологии и дигиталната трансформација.

„Со развојот на новите технологии ние можеме да изнајдеме решенија за разни проблеми и предизвици, од загадувањето на воздухот и климатските промени до предизвиците во сајбер-просторот. Но, онака како што овие технологии го обликуваат начинот на кој комуницираме и ја зголемуваат нашата ефикасност, така тие нè прават и поранливи. Нашата зависност од технологијата побарува изградба на функционален, одржлив и отпорен технолошки одбранбен систем“, рече министерката.

Истакна дека клучни во развојот и одржувањето на технолошката предност се единството, солидарноста и кохезијата помеѓу сојузниците зашто нашата заедничка цел е развој на технолошката интероперабилност.

„Форумите како денешниот, каде што разменуваме знаења, најдобри практики и експертиза, се витални за технолошкиот развој во алијансата. Мораме да останеме обединети и да си помогнеме меѓусебно на ова поле“, рече Петровска.

Панелот посветен на технологијата на информациските системи е дел од активностите на Организацијата за наука и технологија на НАТО, а учесници се 60 претставници од сојузничките земји.