27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Имаме резултати кои вистински прават разлика, нашата визија е јасна!

Една политичка партија може да биде оценета по три клучни основи: резултати, исполнети ветувања и нејзината визија за иднината, кажа претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибината ‘Резултати што прават разлика’. Тој истакна дека СДСМ денеска со факти, аргументи и бројки може да потврди дека ги има сите три клучни основи.

-Имаме резултати кои вистински и реално прават разлика. И споредбено со нашиот политички противник, и во однос на испорачаните, реализирани резултати и во однос на глобалните текови. Нема сегмент во којшто СДСМ ако се спореди со ВМРО-ДПМНЕ нема подобар резултат. Да ги земеме прво платите. Минимална плата – 8.000 денари ВМРО-ДПМНЕ, 20.000 денари СДСМ. Просечна плата – 20.000 денари ВМРО-ДПМНЕ, 34.000 денари СДСМ. Пензии – просечна пензија 13.000 денари ВМРО-ДПМНЕ, 19.000 денари СДСМ. Невработеност – ВМРО-ДПМНЕ 25%, СДСМ 14% во овој момент. Патишта – 600 километри ВМРО-ДПМНЕ, 1.300 километри асфалт СДСМ. Директни странски инвестиции – 760 милиони евра СДСМ во кризна година два пати поголеми од 2016 година. Во енергетиката- 18 мега вати во време на ВМРО-ДПМНЕ и 283 мега вати инсталиран од обновливи извори на енергија во време на СДСМ, истакна Ковачевски.

Според него, од заробена и изолирана држава, заглавена 11 години со ВМРО-ДПМНЕ –денеска земјата е партнер со САД и со ЕУ, членка на НАТО и со започнати преговори со ЕУ.

-Затоа, резултати и исполнети ветувања што прават разлика е најсоодветно во овој момент што важи за СДСМ, најголемата, најсилната, државотворна партија во земјава. Има на што да бидеме горди! Нашата визија за иднината на оваа земја е јасна, јавно кажана, забележана и во програма за работа на Владата и ние посветено работиме за тоа да биде реалност: исполнување на уште една стратешка цел -полноправно членство во ЕУ до 2030 година, истакна Ковачевски.