27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Успешно се справивме со светската енергетска криза, резултатите се демант на црните сценарија

Според претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, изминатата година се покажало колку е важно знаењето и посветеноста за менаџирање со енергетскиот сектор. Тој на партиската трибина ‘Резултати што прават разлика’ кажа дека пред само 12 месеци глобалната економија била пред колапс.

-Недостигот на енергија и растот на цените на енергенсите и струјата донесоа неизвесност и агонија кај секој граѓанин – не само кај нас, туку и во цела Европа. Но кај нас, струја, бензин, храна, парно имаше доволно, а рестрикции немаше. Ги заштитивме граѓаните и компаниите кога беше најтешко. Го донесовме најголемиот пакет антикризни мерки во регионот, оценет и од Светска банка, за граѓаните и за одржување на ликвидноста на компаниите од над 760 милиони евра. Покажавме како транспарентно и успешно се справуваме со економско – енергетската криза од светски размери, рече Ковачевски.

Тој истакна дека планот ги дал резултатите.

– Тоа е најдобар демант за критичарите и квази експертите кои во текот на последниот квартал минатата година предвидуваа најцрни сценарија и го вознемируваа народот. Во споредба со претходната година имаме зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45%. Како резултат на тоа успеавме да обезбедиме евтина струја за училиштата, за образовниот процес да се одвива во училниците, за јавните комунални претпријатија преку кои граѓаните се снабдуваат со вода. Дополнително за стопанството ја намаливме цената на струјата за 20% за 72 илјади фирми кои се на регулиран пазар и немаше зголемување на цената за домаќинствата. Кризата ја претворивме во можност, а тоа значи и инвестиции во обновливи извори на енергија, потенцира претседателот на СДСМ.

Според него, потврда за тоа е што расте интересот за инвестиции во обновливи извори на енергија, а од 1 јануари 2022 до 30 април 2023 – инсталиран е 207 MW вкупен капацитет од обновливи извори.

-Со овие нови капацитетите од обновливи извори кои се изградени за само 16 месеци,може да се задоволат потребите на домаќинствата со просечна потрошувачка за над 10 града: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св.Николе, Ресен, Дојран, Дебар и Виница (над 76.000 домаќинства со просечна потрошувачка). Или за една година и четири месеци ние имаме изградено капацитет кој е скоро како еден блок РЕК Битола. Вака изгледаат резлутатите кога Владата предводена од СДСМ ја спороведува енергетска транзиција! Токму поради инвестициите во обновливи извори е намалена енергетската зависност во државата. Наместо 30%, сега за потребите на сите потрошувачи меѓу кои индустријата и малото стопанство има увоз од само околу 11 % во првите месеци од оваа година. Ова најниско ниво на увезена струја! Сите овие трендови водат кон зголемување на енергетската независност на земјата, стабилност во снабдувањето со електрична енергија и во крајна цел реализација на Планот на Владата, во корист на граѓаните, на компаниите и на нашата држава. Ние правиме се што е во наша моќ – а тоа е да го реализираме планот за зголемено производство, за цената да биде стабилна и граѓаните да користат евтина дневна тарифа. На крај сакам да напоменам дека помошта од нашите сојузници и стратешки партнери, како и на Европската унија со 80 милиони евра, беше многу значајна за да успееме да ги реализираме нашите напори да нема ценовен шок за граѓаните и сметките за струја да останат исти. Во наредниот период наш приоритет е енергетската транзиција и енергетската независност, а нашата земја да биде и понатаму регионален лидер во енергетската транзиција, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб, заклучи Ковачевски.