24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Обвинителството го товари за измама, дело за кое е предвидена затворска казна од 1 до 10 години – Обвинението поднесено уште во јануари, а судењето повторно е одложено

Скопското обвинителство уште во јануари поднесе обвинение против кардиохирургот Жан Митрев и неговата клиника за измама на пациенти за време на пандемијата со Ковид-19. За делото за коешто се товари е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.

Врз основа на доказите, Обвинителството наведува дека Жан Митрев ги довел во заблуда пациентите на кои им се нудела хемофилтрацијата како алтернативен начин на лекување, но притоа се прикривале клучни факти за овој метод. На тој начин клиниката заработила околу 1,6 милиони евра за хемофилтрации.

Во обвинителството имало вкупно 283 пријавени оштетени кои биле дел од истрагата.

Основното јавно обвинителството – Скопје по допрен глас оформи предмет на 18 јули, откако ИРЛ објави истражување за работењето на клиничката болница „Жан Митрев“ во периодот од 2020 до 2022 година.

Во документарниот филм „Нечиста крв“ беа пренесени сведоштва на семејства на Ковид-пациенти врз кои бил применуван методот хемофилтрација (филтрација на крвта) без да знаат дека се предмет на клиничко испитување. Услов за лекување на пациентите било авансно да уплатат 12.000 евра за да бидат хоспитализирани во клиниката. Клиничките студии кои се вршеле во болницата не се пријавени во државната Агенција за лекови – МАЛМЕД.

Судењето повторно се одложи

По барање на одбраната, во Основниот кривичен суд Скопје денеска повторно се одложи судењето против Жан Митрев, обвинет за „измама“.

Одбраната на Жан Митрев на денешното рочиште побара одложување на судењето поради тоа што не им биле доставени сите докази од листата на докази од јавното обвинителство и побара дополнителен рок од 20 работни денови за да извршат увид во доказите и 10 работни денови за подготвување на одбраната.

По долга дискусија, јавниот обвинител не го оспори барањето, а судот го прифати барањето и следното рочиште го насрочи за 13 јуни.

Провото насрочено рочиште за овој предмет беше закажано за 28 февруари, но, се одложи поради тоа што обвинетиот ангажирал нови бранители. Потоа, рочиштето беше насрочено за 5 април, кога повторно не се одржа, а причина беше тоа што одбраната, како што посочија своевремено, „не успеала да изврши увид во списите на предметот кои сѐ уште се во Апелација“.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.

Обвинителка Искра Хаџи-Василева

Обвинителката до Жан Митрев за одложувањето: Веројатно е страв од доказите

Тимот адвокати на Жан Митрев пак успеа да го одложи рочиштето за сопственикот на приватната клиника, кој се гони за измама.

Обвинителката Искра Хаџи-Василева, која го гони Жан Митрев за измама, вели дека адвокатите на Митрев ги имаат сите докази, а одложувањето е да се одбегне почнување на расправата поради страв од доказите.

„Нема што многу да се каже. И денеска се одложи. Се надевам дека наредното, конечно, ќе го почнеме за да се соочиме во судница, каде што единствено може да ги изнесеме фактите и доказите. Веројатно овој обид за одбегнување почнување на расправата е страв од доказите“, рече Василева.