22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Местото на Северна Македонија е во геополитичка ЕУ ориентирана кон иднината

пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

„Европската Унија мора да се промени. Потребна ни е геополитичка Европска Унија, проширена и реформирана и ориентирана кон иднината“, рече канцеларот на СР Германија Олаф Шолц во својот говор пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.

Во говорот тој посебно ја спомена Македонија и она што го направи изминатите години.

„За политичката храброст Македонија треба да биде наградена, мора да следи нејзино пристапување или барем напредок во нејзиното приближување кон ЕУ“, рече Шолц.

Тој рече дека минатата година е донесена важна одлука во обликувањето на геополитичка Европа со доделување кандидатски статус на неколку земји, а со некои од нив се отворени и пристапни преговори.

Овие две точки, иднината на ЕУ и местото на Северна Македонија во таа иднина, се уште една силна поддршка од Германија која речиси целосно се совпаѓа со онаа на претседателот на оваа Франк-Валтер Штајнмаер на прес конференцијата за новинарите за време на неговата официјална посета на нашата земја кон крајот на минатата година, кога рече дека Северна Македонија го доби „заслуженото место во новиот пакет за проширување на ЕУ“.

Иако, сосема очекувано за еден шеф на држава, Штајнмаер беше воздржан да ја прогнозира 2030 како година за членство, но овој временска одредница веќе е референтна точка и за странските и за домашните политичари. Сепак, Штајнмаер тогаш порача дека земјата е на добар пат и дека фокусот на политичките елити во регионот треба да биде на иднината, а не на минатото, и не заборави да потсети дека тој пристап даде резултати кои се остварија благодарение на Преспанскиот договор.

На ЕУ ѝ требаат поефикасни институции и на донесување одлуки со квалификувано мнозинство

Во прилог на континуитетот на оваа заложба на една од земјите лидери на ЕУ, треба да се потсетиме и на координацијата по ова прашање – за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан како итна цел, беше и заедничката статија на германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон во заедничка статија во германското издание „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во јануари оваа година во која истакнаа дека се залагаат за брз и конкретен напредок во процесот на проширување на ЕУ.

„Истовремено, ние мора да обезбедиме проширената Европска унија да остане одржлива, со поефикасни институции и побрзи процедури за донесување одлуки, особено со проширување на гласањето со квалификувано мнозинство во Европскиот совет“, напишаа во германскиот весник двајцата лидери, во кој ги споменаа земјите од Западен Балкан за нивните различни фази од долгиот процес на пристапување во ЕУ.

Токму на поентата за „поефикасни институции и побрзи процедури за донесување одлуки, особено со проширување на гласањето со квалификувано мнозинство во Европскиот совет“, беше централната тема на група од неколку земји членки на ЕУ кои решија да го стават на маса контроверзното прашање за одлучување со едногласност во сферата на заедничката надворешна политика, каде што посебно мести има проширувањето на унијата.

Групата на пријатели, како што се нарекуваат овие земји членки, сметаат дека треба да се поттикне гласањето со квалификувано мнозинство во Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Групата на пријатели која ја сочинуваат Белгија, Финска, Франција, Германија, Италија, Луксембург, Холандија, Словенија, Шпанија, и кои стојат зад оваа иницијава, без исклучок се земји кои искажуваат најсилна поддршка за брзо проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, та оттаму доаѓа и нивната иницијатив за да се избегнат опструкциите за идното проширување кое лидерите на овие земји го сметаат за приоритет во геопозиционирањето на ЕУ визави заканите што произлегуваат од руската агресија во Украина.

Правилото за едногласност во одлучувањето Македонија силно го осети на своја “кожа” и тоа во Брисел се прифати како поука пречките за нов бран на проширувањето за коешто сега се одлучува со едногласност, ќе ја блокира целосно ефикасноста на заедничката надворешна политика на ЕУ.

Заради тоа, во контекст на растечките меѓународни предизвици со кои се соочува ЕУ, членките на Групата се убедени дека на надворешната политика на ЕУ ѝ се потребни адаптирани процеси и процедури со цел да се зајакне ЕУ како надворешнополитички актер.

Од овие причини дојде и повикот на германскиот канцелар Шолц од говорницата во Стразбур,со кој тој побара итно да зпочне спроведувањето на реформите во начинот на одлучување птрвенствено во областа на одбраната и даноците и – да се укине правото на вето кое го користат некои земји-членки.

Како членка на НАТО, Македонија е компатибилна со принципите на новата одбранбена и безбедносна доктрина на Брисел „Стретешки компас“

Како аргументи за оптимизам за цврстата определба на водечките лидери на ЕУ колку што може побрзо да ја интегрираат нашата земја во своето семејство, е и фактот дека Северна Македонија, како членка на НАТО, е апсолутно компатибилна со принципите на новата одбранбена и безбедносна доктрина на Брисел „Стретешки компас“.

Покрај заклучоците поврзани со руската воена агресија врз Украина, Европскиот Совет го донесе долгоочекуваниот „Стратешки компас“ како заедничка политика и акциски план на Европската унија во кој се наведени безбедносните и одбранбени цели, и мерките за нивно постигнување до 2030 година. Со овој документ е потврдена определбата да се изгради Европска унија која ги штити нејзините граѓани, вредности и интереси и придонесува за меѓународниот мир и безбедност.

И во овој документ е утврдена временската рамка 2030 што се совпаѓа со утврдената цел Северна Македонија да ги затвори преговорите со ЕУ до оваа година и тие да се крунисаат со полноправно членство.

Она што е особено интересно е што овие временски референци се идентични и со оние во заклучоците на Европскиот парламент од ноември минатата година, кога освен препораката пристапните преговори да завршат до крајот на 2030 година, беше истакната и насоката за Европската Комисија и Европскиот Совет да го усвојат предлогот за гласање со квалификувано мнозинство во областите релевантни за процесот на пристапување со цел да избегнат билатерални спорови како алатка за блокирање.

Однесувањењто на опозицијата го загрозува прогресот на процесот за евроинтеграција

Тоа се пораките и трендовите во Брисел, Берлин, Париз и во другите европски метрополи, што не враќа повторно дека додека од таму доаѓаат јасни сигнали и пораки, нам ни останува дома сите политички партии и чинители треба да се согласат и договорат околу приоритетите, законите и реформите кои земјата треба да ги направи и да изградат став по прашањата кои мотра да бидат затворени до крајот на годината, особено оние за уставните измени.

Патоказите и плановите кои Северна Македонија и Европската Унија ќе ги подготват по завршување на скрининг процесот ќе бидат водилка на реформите и програмите по кои ќе треба да се водат идните влади на патот до полноправно членство во ЕУ. Поддршката за реформските процеси и трансформацијата на општеството ќе треба да доаѓа од сите политички партии, без разлика на тоа кој е власт, а кој опозиција, поради што потребна е вклученост на сите во креирањето на приоритетите.

Затоа било каков игноратски однос или бојкот на опозицијата кон стратешки важните прашања отвора сомнеж дека по Атина, Париз и Софија, токму таа е следната пречка на патот на земјата кон полноправно членство во ЕУ, воопшто не водејќи грижа за иднината на земјата и добросостојбата на граѓаните.

извор: Рацин.мк