Објавен е првиот јавен повик за мерката „Инвестиции во модернизација на земјоделските стопанствa“ или популарно наречена мерка „Бизнис план“ од Програмата за рурален развој, која ја воведовме за прв пат како дел од најголемата земјоделска реформа, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Оваа мерка е креирана, како што рече, за да ги поддржи вистинските земјоделци, а тоа се индивидуалните земјоделци и правни лица чија основна дејност е земјоделското производство.
„ Јавниот повик кој го објавивме денеска е прв во низата повици за Бизнис план, кои континуирано ќе се реобјавуваат секој месец до крајот на годинава. Земјоделците ќе можат да аплицираат тогаш самите ќе бидат подготвени, без да чекаат и да го модeрнизираат производството со нова опрема, за која што самите ќе одлучат дека им е најпотребна.
Поддршката е во форма на кофинансирање во висина до 10.000 евра по корисник и истите можат да се искористат за набавка на земјоделска механизација, пчеларска опрема, силоси, опрема во објекти за производство на храна од животинско или неживотинско потекло, опрема за навигација и смарт земјоделство на постоечки трактори, комбајни и приклучна механизација, машини за разбивање на мраз, инвестиции во објекти на фарми за обновливи извори на енергија за сопствена потрошувачка, опрема за производство на тутун, како и набавка на хардвер и софтвер за примарно земјоделско производство“ додаде Николовски.
Финансирањето ќе се врши врз основа на склучен Договор за одобрена инвестиција, а исплатата ќе се врши по целосна реализација на инвестицијата, по принцип на ко-финансирање во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци.
Но, ставката на ко-финансирање во одредени случаи ќе биде и поголема од 50% и тоа: 55%, за инвестиции поднесени од млад земјоделец на возраст од 18-40 години, 60% за инвестиции во подрачје со ограничени можности; 65% за инвестиции за млад земјоделец во подрачје со ограничени можности и 75% за инвестиции во недостапни рурални заедници.
Сите потребни информации и документи се достапни на веб страните на Министерството и Платежната агенција, а дополнително сите подрачни единици на министерството и на АПРЗ се отворени за помош при аплицирањето.