Македонците во Грција со кои разговараше Рацин.мк по повод 5 години од Преспанскиот договор, истакнуваат дека тој претставува победата врз политиките и однесувањето на националистите и националистичките партии во Грција.
Слободан Манѕов или Лефтерис Манѕас по грчки и Пеце Бенишев или Петрос Василијадис од Горно Врбени или Екшису или Ксину Неро, велат дека договорот од Преспа им донесе олеснување не само на македонското малцинство, туку и на Грците.
– Има разлика. Со Преспанскиот договор народот е повеќе отворен, двата народа се повеќе отворени. На грчкиот народ му беше тешко да вели Македонија зашто имаше притисок заради грчкиот став дека Македонија е грчка. Сега со Преспанскиот договор се стори Северна Македонија и им е полесно да велат Северна Македонија. Ова за двата народи е подобро, вели Слободан Манѕов/Лефтерис Манѕас.
Пеце Бенишев/Петрос Василијадис, кој заедно со Слободан Манѕов/Лефтерис Манѕас, се дел од потписниците на основачкиот акти за регистрација на Центарот за македонски јазик во Лерин, вели дека условите во кои сега живеат, се многу подобри откако стапи во сила Преспанскиот договор.
– (Преспанскиот договор) од друга страна беше силен удар за националистичките партии што излегуваа во Атина и Солун и викаа нема Македонија, има само Грција. За нив беше многу силен удар. Дури и актуелната владеачка партија којашто тогаш беше против, сега го признава Преспанскиот договор. Од таа страна условите се многу подобри и за нас, вели Пеце Бенишев/Петрос Василијадис.
Еден од лидерите на партијата на Македонците во Грција „Виножито“, Павлос Васкопулос Филипов, којшто главно е задолжен за решавање и унапредување на правата на македонското население во оваа земја преку државните институции и во институциите на ЕУ, говори за придобивките од Преспанскиот договор за Северна Македонија, како и за тоа како промените што следуваа беа примени меѓу нашинците во Грција.
– За вашето прашање каква е ситуацијата тука после спогодбата како што ми рековте, секако е подобро, отколку што беше минатите години. За вас и за македонската јавност е позната (претходната) грчка националистичка еуфорија за пречки за вашата држава, за препреките на патот кон НАТО и за ЕУ. Денес не е исто. Македонската држава е во НАТО, полноправна членка, и таа е на патот кон Европската Унија, вели Павлос Васкопулос Филипов од „Винижито“.
Тој ни посочува дека нивните очекувања се уште поголеми од членството на Северна Македонија чиј процес внимателно го следат.
– Се надевам дека ќе има и соодветни реформи кај вас и дека во идните години земјата ќе биде полноправна членка (на ЕУ) за да може уште подобро да се соработува меѓу Грција и македонската држава, истакнува Павлос Васкопулос Филипов од партијата на Македонците во Грција „Виножито“.