Бележиме најдобри резултати во последните 30 години, благодарение на кои Република Северна Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни земји во светот. Тоа се наши заеднички резултати, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неговиот говор на централната прослава за Денот на македонската полиција – 7 Мај, што се одржa на сцената на Долни Сарај во Охрид.
Според Спасовски, МВР под раководство на неговиот тим изминатите години се етаблирало како институција во која работат професионалци кои неуморно ги извршуваат обврските, а во однос на резултатите тој сподели статистички податоци со кои минатата 2022 година била завршена со шест отсто помал криминалитет во споредна со една година претходно.
„Со задоволство можам да констатирам дека минатата година ја завршивме со шест отсто намалување на вкупниот криминалитет, а откривачката функција на кривичните дела од организиран криминал бележи зголемување од 40 отсто. Дури 70 отсто е зголемувањето на откриените дела поврзани со шверцување мигранти, а зголемување за над 30 отсто имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Запленивме над 2,4 тони дрога, како и 20 тони најразлични прекурсори, сузбиени се 15 криминални групи, од кои дури 12 делувале во областа на недозволената трговија со дрога. Спречени се вкупно осум меѓународни транспорти на марихуана, кокаин и хероин“, потенцираше министерот.
Позитивниот тренд, посочи тој, продолжил и годинава, па во првите четири месеци од 2023 вкупниот криминалитет е намален за 12,6 отсто во однос на истиот период лани.
Тој откри и дека во тек се осум национални и 12 локални оперативни акции од областа на класичниот и сериозниот криминал, а во моментов се постапува по 244 криминалистички истражувања.
Според Спасовски, полицијата прераснала во пријател на граѓаните и кредибилен партнер за соработка на меѓународен план.