Само љубезноста, меѓусебната почит и толерантното однесување можат да придонесат кон градење на мирна и хармонична училишна средина во која вие младите ќе се посветите на учењето и ќе се натпреварувате со знаења, наместо да прифаќате трендови кои можат да доведат до нарушување на меѓусебните односи и дефокусирање од суштината на воспитно – образовниот процес. Затоа е важна честата дискусија и во рамки на училиштето и во рамки на семејството за вредностите со кои ќе станете уште подобри луѓе.
Ова е пораката која министерот за образование и наука Јетон Шаќири ја упати денеска на дружбата со учениците од струшкото средно училиште „Нико Нестор“ за време на која беа разменети искуства и идеи за тоа како да се елиминираат сите облици на меѓуврсничко насилство.
„Од вас слушнав многу конструктивни предлози и вие, всушност точно знаете што е потребно за зачувување на училишниот мир. Дел од овие идеи ќе бидат вметнати во протоколите кои ги подготвуваме во моментов, а ќе служат за постапување во рамки на училиштата при детекција на случаи на насилство“, рече Шаќири.
Тој додаде дека кај сите граѓани е зголемена свесност за последиците од насилството, кои, како што рече, можат да бидат катастрофални, какви што беа во соседна Србија и затоа сите треба да се залагаме за елиминирање на потенцијалните фактори кои би можеле да иницираат насилно однесување кон поединци или групи на ученици.
„Да промовираме мир, соживот и пријателство, наместо омраза и насилство. Превенцијата е најважна, но и доколку се случи меѓуврсничко, или било каква форма на насилство врз младите од повозрасните, тоа не смее да се премолчува. Затоа и отворивме електронска адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk на која секој може да достави пријава по која веднаш ќе се постапува“, рече Шаќири, додавајќи дека насилството не треба да биде решение во ниедна ситуација и дека тоа претставува немоќ, а љубезноста моќ.