25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Состојбата на патиштата редовна, внимателно на места каде се работи на пат

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат од АМСМ.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за возила со дозволена носивост до 3.5 тони.

Градежни активности се одвиваат на Државен пат А1, во насока од Демир Капија кон Неготино, поради што патниот правец е целосно затворен преку автопатот на клучката Демир Капија, а сообраќајот е пренасочен на Регионалниот пат Р1102.

Работи на пат има и на автопатот А1, делница Петровец – Катланово, на државен пат А2, делница Миладиновци – Хиподром и на експресниот пат од Градско до Дреново, на државен пат А1, делница Велес – Неготино. Тука ќе се применува времена измена на режим на сообраќај. Времениот режим ќе се применува во двата правци на автопат Е-75. Сообраќајот ќе се одвива непречено, со брзина од 80km/h во зоната на градилиште. Режимот ќе се применува се до целосна изградба на новата клучка Градско.