22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Крвавиот пир во Белград го вклучи алармот – што прават децата во регионот додека родителите „не гледаат“?

Девет убиени лица од кои осум деца, како и седум повредени деца и една наставничка е епилогот од денешниот крвав пир во
Белград кога ученик влегол во училиштето и започнал да пука со оружје кое го зел од својот дом.

Реакциите на српската но и на јавноста во регионот се тажни и траорни и полни со неверување дека вакви напади најчесто карактеристични за САД, може да се случат и тука.

Но овој случај, освен во Србија, го вклучи алармот и во Македонија и во земјите од опкружувањето особено во делот за тоа како денешните генерации се воспитуваат и одгледуваат од државата, од системот, но пред се и од родителите.

Балканска генерација З – генерација што сака сè сега и веднаш

Генерацијата З или генерацијата млади луѓе родени од крајот на 90тите години на минатиот век па се до доцните 2010ти години во светски рамки се опишува како генерација која е драматично различна од претходните генерации, односно генерација на која поседувањето на материјални добра (како куќи, скапи автомобили и сл) им е далеку поневажна од „живеењето во моментот“ (патувања, следење нови трендови, влијателност на социјални мрежи и слично) сепак во регионот постои еден вид на хибридна
Генерација З, растена со новите трендови но на еден автентичен балкански начин.

На балканската З генерација не и се непознати сите нови дигитални алатки, сите трендови и обрасци на однесување, но не и е непознат ниту балканскиот начин на живот (живеење со родителите до зрели години, насилно решавање на конфликтите, поданичка улога на жената во општеството.

Она што е познато за Генерација З е тоа што е генерација која сака се сега и веднаш, дека она што некој наумил мора да му се оствари – на таа генерација припаѓа и убиецот од Белград роден 2010та година.

Оваа генерација која секако постои функционира и во Македонија, но очигледно расте далеку од очите на јавноста, на родителите и системот.

Криминалци, старлети, инфлуенсери, риалити ѕвезди – хероите на новото време

24инфо веќе пишуваше дека долната граница кога почнува да се консумира дрога опаѓа, дека освен во средните училиште, тоа станува појава и во основните, но и дека марихуаната веќе отпаѓа како „Ин“ дрога а на нејзино место доаѓаат кокаинот, МДМА и амфетаминот.

Постоеше случај кога и наставничка од едно скопско училиште беше уапсена поради продажба на дрога.

И додека родителите на оваа генерација секојдневно се борат да заработат повеќе, меѓу децата се почеста е употребата на дрога, булингот и сјабер булингот, а наместо спортисти, актери и пејачи, местото на детските идоли го заземаат естрадни криминалци, старлети, инфлуенсери.

Секако дека не сите деца тоа го прават и секако дека не секој инфлуенсер негативно влијае врз развојот на младите, но факт е дека и тука постои дел од одговорноста за тоа како расте и се развива Генерација З.

Тој став го делат и голем број на социолози и општественици. Еден од нив е и асистентот на Филозофскиот факултет и докторанд по социологија Стефан Васев.

„Овој немил настан во соседна Србија е само последица од моменталната ерозија на системот на вредности во општеството, младите секојдневно консумираат преку масовната култура голем број на информации кои немаат никаква употреба вредност. За жал, сведоци сме дека, денес, културата на младите е премногу нападната од масовната култура (музика, филмови….) преполна со насилство и воздигнување на криминогени активности како оружје, дрога, алкохол…, без доволна доза на критика на овие социо-патолошки појави. Конкретно, филмската индустрија и музиката која денес младите ја консумираат е навистина во голема мера виновна за градењето на лошите вредносни системи кај младите, каде се промовира деструкција и деликвентно однесување.

Сепак, конкретно за случајот во соседна Србија треба да се увидат околностите зошто кај овој малолетник придонело за ваков потег, не треба да се исклучи можноста за тоа дека можеби е и жртва на булинг (врсничко насилство), кој долго време не бил санкциониран од страна на институциите на системот, што не го оправдува овој потег во ниту еден случај, но покажува колку многу треба социолозите, психолозите и педагозите во воспитно -образовните институции да креираат политики и програми за правилно воспитание, бидејќи овие институции имаат обврска за тоа, тие покрај образовната улога ја имаат и воспитната димензија на која за жал не се работи доволно“ смета Васев.

извор 24инфо