Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, во вечерашното гостување во емисијата “АРГУМЕНТ” на МТВ2 изјави дека парламентарното мнозинство разговара со пратеници кои поддржуваат проевропски дух во опозициската ВМРО-ДПМНЕ со цел да се постигнат уставно неопходните измени за земјата да продолжи непречено на својот пат кон ЕУ.
„Разговараме со пратениците од опозицијата, убеден сум од контактите што ги имам дека постои европски дух во ВМРО – ДПМНЕ, има дух што не се согласува со политиките на актуелното раководство на ВМРО- ДПМНЕ и оценувам дека со чесна работа со оваа група пратеници, со оваа европска група во рамките на коалицијата на ВМРО -ДПМНЕ ќе успееме да ја направиме и оваа промена и конечно да ја постигнеме политиката на нула проблеми и отворени прашања со соседите за да може да одиме напред“, рече Груби. Според него, формирањето на европскиот фронт е од витално значење. „Идејата на господинот Ахмети за создавање европски фронт на сите политички сили е од особена важност, бидејќи тоа е единствениот начин да се извлечеме од политиката на изолација која ни носи внатрешни конфликти меѓу политичките партии и силите кои се про-ЕУ и спречување на интеграцијата во ЕУ. Оценувам дека тоа е формулата за излез од овој ќор сокак, во кој не води опозицијата“, истскна првиот вицепремиер Груби.