Изразувам почит кон сите кои со својот труд обезбедуваат стимул и развој на нашата држава. Дури и во услови на најголемата економска и енергетска криза која ја паметиме во изминативе децении, вели премиерот Димитар Ковачевски, по повод Меѓународниот ден на трудот.
„Системските решенија до кои дојдовме преку социјалниот дијалог дадоа резултат и го зацврстија партнерството и со синдикатите и со сите засегнати страни. Токму затоа, денес, минималната плата е над 20.000 денари, што е зголемување од 100% во однос на 2016та година. Предвремено го исполнивме ветувањето за просечна плата над 500 евра, а и ги зголемивме платите во образование, во здравство и во безбедносните сектори“, нагласува Ковачевски.
Според него, имаме поставено, здрава основа и затоа и минималната и просечната плата, како што вели, континуирано ќе растат.
„Го почитуваме и цениме трудот на секој работник и поради тоа, денес ние веќе не сме дестинација со евтина работна сила. Денес, инвеститорите ја препознаваат стабилноста и можноста за раст и развој на државата која е земја членка на НАТО, земја со отпочнати преговори со Европската Унија и инвестираат и отвораат нови, добро платени работни места“, потенцирa Ковачевски.
Осврнувајќи се на минатата година, нагласи дека 2022 година е заокружена со нови инвестиции од над 430 милиони евра нови инвестиции и 2.300 нови работни места.
„Само во технолошко-индустриските зони имаме над 16.500 вработени, а тоа се над 10.000 работници од 2017та досега. Ова темпо продолжува и понатаму. Со реализацијата и изградбата на коридорите 8 и 10-д, овозможуваме нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните 5 години“, додава Ковачевски.
„За Вас вратите во Владата се секогаш отворени. Заедно, рамо до рамо, ќе ги решаваме сите предизвици, а во мене и во Владата вие секогаш ќе имате сојузник“ порачува Ковачевски.