23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Вицепремиерот Битиќи и посака топло добредојде на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи утрово и посака топло добредојде на Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи- Садриу, која престојува во дводневна посета на Република Северна Македонија, со надеж дека оваа посета уште повеќе ќе ги зајакне одличните односи помеѓу двете земји, и ќе даде позитивен импулс за натамошен развој и интензивирање на севкупната соработка.

Вицепремиерот Битиќи на граничниот премин Блаце беше придружуван од Шпреса Јусуфи, Амбасадор на Република Северна Македонија во Република Косово, Амбасадорот Гоце Карајанов, посебен советник на претседателот Пендаровски за надворешна политика, и Амбасадорот Кенан Рамадани, Директор на директоратот за протокол при министерството за надворешни работи.

Вицепремиерот Битиќи е дел од делегацијата на Претседателот на државата Стево Пендаровски кој е домаќин на претседателката Османи-Садриу и ќе учествува на пленарниот состанок на делегациите на Северна Македонија и на Косово, по што е предвидена и заедничка прес- конференција на претседателите на двете држави.

Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Пендаровски и Османи-Садриу ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев, после што претседателка Вјоса Османи-Садриу ќе оствари средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и ќе се обрати на свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија.