Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Филипче: Петар Мантев е човек од народот, Неготино заслужува вистински градоначалник

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Неготино, рече дека е време Неготино да добие вистински градоначалник, фер однос и чесна власт која го цени трудот, изразувајќи поддршка за кандидатот за градоначалник од СДСМ, Петар Мантев.

„Петар е човек од народот. Човек што знае што значи да се работи, да се создава и да се води со разум, а не со ароганција. Со него, Неготино ќе добие градоначалник што ќе биде достапен, што ќе слуша и што ќе одговара – не пред партија, туку пред граѓаните”, истакна д-р Филипче.

Во продолжение, тој зборуваше за важноста на изборот за градоначалник кој ќе биде блиску до народот.

„Денес сум тука да побарам поддршка за еден искрен, трудољубив и чесен човек – човек што ја знае секоја улица, секој проблем и секој граѓанин во Неготино. Да побарам поддршка за Петар Мантев, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Неготино,“ порача д-р Филипче.

Лидерот на СДСМ нагласи дека тимот на Мантев е составен од луѓе со визија, знаење и искрен пристап кон граѓаните.

„Зад него стои тим од луѓе што не ветуваат лажни чуда, туку имаат план, знаење и визија за град што дише, за град што се развива и за град што живее со луѓето, а не на нивна сметка. Оваа листа на СДСМ во Неготино е листа на чесни луѓе – ваши соседи, ваши сограѓани, луѓе што ќе останат тука и по изборите, луѓе што нема да се кријат во кабинети и службени возила”, рече д-р Филипче.

Во своето излагање Филипче порача дека оваа екипа ќе ја врати довербата и достоинството во локалната власт.

„Тоа е тим што ќе го врати достоинството во локалната самоуправа и ќе го врати Неготино таму каде што заслужува да биде,“ нагласи д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, која синоќа се одржа во Неготино.

Можеби ќе ве интересира

Во Брисел одржан првиот парламентарен состанок со Северноатлантскиот совет на НАТО

ДЕСК

Претрес во Кавадарци, пронајдени ловечка пушка, недозволени средства за лов и месо од дивеч, лишено од слобода едно лице

ДЕСК

Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со алумни на Универзитетот Харвард

ДЕСК