Пред нас се реформи кои ќе мора да бидат структурни и темелни доколку сакаме брзо да ги надминеме предизвиците со кои се соочува пазарот на трудот и да ги анулираме импликациите кои тоа ги остава врз македонската економија, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на отворањето на конференцијата ‘Регионален пазар на труд: Слободно движење на работната сила надвор од границите“ во рамки на проектот: „Отворен Балкан: Слободно регионално движење на работната сила во услови на недостиг од квалификувани работници“.
-Веќе е во тек реформата во образованието која со давање предност на стручните образовни занимања придонесува за неутрализација на јазовите кои се јавуваат на пазарот на трудот. Но, она на што е потребно повеќе да се работи е доквалификацијата на работната сила, подобри наставни програми и планско продуцирање на дефицитарните занимања. Она што беше цел на Владата и останува нејзин приоритет се покачувањето на платите, што ќе игра голема улога во задржувањето на кадрите дома, особено од летово кога граѓаните од Отворен Балкан добиваат слободен пристап до пазарот на труд во Северна Македонија, Србија и Албанија, истакна вицепремиерот.
Маричиќ рече дека во тој контекст, за поздравување е и вчерашната ратификација на договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, од страна на македонскиот Парламент.
-На овој начин расте конкуренцијата, компаниите се борат за подобри работници, работниците за подобри работни места и на тој начин се подобруваат условите за работа и растат платите. На природен начин, без големи интервенции од државата, односно по пат на создавање услови за слободен пазар на труд. Главната цел на воспоставувањето на заеднички внатрешен пазар на ЕУ е економски развој преку подобрување на животниот стандард на граѓаните на земјите членки на Унијата. Амбицијата за членство во ЕУ и стадардите на европските високо развиени економски држави, се дел од нашиот поттик. Затоа, заеднички со сите сфери од општеството, и особено со граѓанскиот сектор, работиме на унапредување на македонската економија и на регионалното економско поврзување – сме постигнале многу заедно и затоа сум уверен дека можеме нашата земја да ја направиме уште повеќе привлечна за работа, за инвестирање и за живеење, додаде Маричиќ.
Според вицепремиерот ‘ќе мора да се бориме на повеќе фронтови, за што постои политичка волја и стратешка насока на реформите во различни области’.
-Затоа е важно во следниот период да се задржи фокусот на евроинтеграцијата и да се забрза европската реформска агенда. Тоа значи, одржување јасен курс на европскиот пат. Граѓаните знаат дека европскиот пат е единствениот пат на стабилност. ЕУ е нашата рамка која ни овозможува да се посветиме на внатрешниот развој. И сите овие реформи се дел од нашето усогласување со стандардите на ЕУ и пренесување на најдобрите практики во нашиот систем. И сето тоа за граѓаните да живеат подобро и да бидат позадоволни од економскиот капацитет на земјата, од македонските институции и квалитетот на живот. Тоа и го заслужуваат, а ние сите заедно сме должни да им го овозможиме, заклучи Маричиќ.