23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Имаме успеси и покрај деструктивните тенденции и дезинформации, нема враќање назад од патот кон ЕУ

За нас Фронтекс значи заштита на нашите граници, потенцира премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на церемонијата за заедничката операција на Фронтекс и македонската полиција.

-Фронтекс значи заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, значи навремен одговор за сите безбедносни ризици по нашата земја, значи безбедност и мирен сон за нашите деца, значи контрола на миграциските движења, значи справување со меѓународниот криминал, значи признавање на нашите цврсти заложби за зачувување и промовирање на македонскиот јазик на нашиот евроинтеграциски пат, значи можности за примена на професионални европски стандарди и зачувување на меѓународниот мир и безбедност. Бидејќи, како што гласи еден од постулатите на Фронтекс -„служиме на интересите на граѓаните бидејќи се грижиме за луѓето и веруваме во европските вредности“. Ова се нашите верувања, нашите цели, нашиот лајтмотив на долгиот, но достижен пат кон Европската унија, кои веќе ги исполнуваме, освен преку Договорот со Фронтекс и преку носењето на заеднички одлуки за светската безбедност и учество во заеднички операции во рамките на НАТО, за што неодамна ја одбележавме и тригодишнината од нашето членство во Северноатлантската Алијанса, потенцира Ковачевски.
Според премиерот, меѓународното признавање за напредокот кој го постигнува Република Северна Македонија се реализира и преку претседавањето со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ, во текот на оваа 2023 година, која ја оцени како година на најголем предизвик на европскиот континет после втората светска војна.

-Република Северна Македонија е препознаена од меѓународната заедница како фактор на стабилност во регионот и кредибилен партнер во зачувувањето на регионалната стабилност. Имаме исклучителни постигнувања на регионален и меѓународен план, а Република Северна Македонија преку конкретни чекори покажува успеси наспроти сите деструктивни тенденции. Со успешна, заедничка работа, со заеднички сили заедно со нашите сојузници и стратешки партнери стоиме храбро пред предизвиците и одиме по патот кој нѐ води до посветла, просперитетна иднина за сите наши граѓани. Со решителни чекори, продолжуваме со европската агенда, продолжуваме со исполнување на сите неопходни критериуми за членство во Европската унија, како и усогласување на нашето со европското законодавство, кажа Ковачевски.
Тој додаде дека ‘свесни сме за предизвиците, свесни сме и за тежината со која понекогаш треба да се носат храбри и вистински одлуки како во минатото така и во претстојниот период’.
– Свесни сме и за дезинформациите и за лагите кои што ги имало, ги има и ќе ги има во иднина. Меѓутоа нема враќање назад кога верувате во праведна и кога верувате во голема цел. Единствениот стабилен и безбеден пат за нас е ЕУ. Сакам да му се заблагодарам на министерот за внатрешни работи за неговата истрајност минатите 5 години и неговиот тим и преговорите за склучување на договорот Фронтекс, за зачувување на националните културни и идентитетски и јазични црвени линии на македонскиот народ. Сакам да се заблагодарам на сите негови колеги кои оперативно учествуваа во спроведувањето на овој договор како и на колегите од ЕУ, заклучи Ковачевски.