Приклучувањето кон ЕУ отсекогаш се сметало не само како приближување до џиновски банкомат, туку како прифаќање и имплементирање на западните општествени вредности – пред сè, силни и независни институции, човекови права, слободни медиуми и еднаквост пред законот, пишува во својата колумна хрватскиот новинар Јасмин Клариќ во колумната посветена на преобрзбата на општеството и државата при пристапувањето и зачленувањето во ЕУ.
-Па, на тој фронт, се чини дека најдобрите времиња за Хрватска припаѓаат – сосема контраинтуитивно – на оние пред 1 јули 2013 година. Имено, Хрватска како политичка и општествена заедница всушност најмногу се промени во десетте години преговори за влез во ЕУ. Моќни инструменти за борба против корупцијата, уставни и законски гаранции за посебни права за сите видови малцинства, слобода на медиумите, поставување на темелите на сериозно владеење на правото – сето тоа се случи во време кога Брисел имаше морков во едната рака и стап во другата, пишува Клариќ.
Според него, самото приклучување кон ЕУ значело крај на напорот за понатамошни, сериозни реформи.
-Во земја која, на пример, со децении најавуваше промени во јавната администрација, со кои ќе се наградат оние кои работат подобро и ќе се казнат оние што забушаваат – и во која тоа сè уште е само во најава – реформите се почеток и крај на надеж за подолгорочен и посериозен развој на земјата. Малата Хрватска, побогу, има 576 единици на локална самоуправа – жупании, градови и општини. Европската комисија со години предупредува дека тоа е неодржливо – но, залудно. Никој не сака да го ризикува гневот на оние чие село во иднина повеќе нема да може да се нарекува град или на оние чија општина е финансиски и административно неодржлива и неуправлива затоа што едноставно е премала. Можеби уште понеопходна е промената на даночниот систем – кој главно се заснова на оданочување на трудот и потрошувачката, додека даночните ножици ги допираат само лежерно и нежно капиталот и недвижностите. Реформската оценка на Владата на Андреј Пленковиќ, човек кој е шест и пол години премиер, се сведува, без претерување, на мало менување на распоредот на националните празници и забрана за работа на продавниците во недела во најголем дел од година, оценува Клариќ.
Тој нагласи дека потребно да се истакне најновото достигнување на европска Хрватска – Канцеларијата на европското јавно обвинителство.
-Ова тело, кое работи неполни две години, ја врати вербата на јавноста во борбата против корупцијата, отворајќи случаи од висок профил, како оној на поранешната министерка за европски фондови и регионален развој (од каде баш тој ресор!) Габриела Жалац, кои дремеа во фиоките на Државното обвинителство, вели Клариќ.