24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Петровска: Ниту една земја, колку и да е голема, не може самостојно да се носи со сите безбедносни предизвици, во НАТО заедно сме посилни

„Одлуката да станеме земја – членка на НАТО, храброста со која пристапивме во тој процес е
еднаква како и одлуката и храброста со која пристапивме на нашата независност. Би рекла,
вистинска одлука, во вистинско време зашто максимата која ја имаме во НАТО, „заедно посилни“,
не е се само зборови на хартија, туку се реалност на теренот – во мултинационалните сили на
НАТО во Латвија, во Бугарија, во Романија, во мисиите на Косово, со заштитата на македонското
небо преку ‘Air Policing’ мисијата на Алијансата“, истакнува во интервјуто за Рацин.мк
министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Министерката Петровска потенцира дека „од аспект на воената неутралност, одговорот може да
се најде во однесувањето на традиционално досега воено – неутралните Финска и Шведска.
Неиспровоцираната руска агресија врз Украина покажа дека принципите на меѓународното право
не се апсолутно почитувани, не се дадени еднаш засекогаш и дека не постојат гаранции дека
секоја структура во секоја земја ќе ги почитува. А, резултатот од тоа може секогаш да биде
нарушена безбедносна слика и променета геополитичка реалност – токму она на што сме сведоци
денеска“.

– Ниту една земја, колку и да е голема, не може самостојно да се носи со сите предизвици и затоа
здружувањето е најдобрата и најефикасна можност. Тоа го увидоа и Финска, нашиот најнов
сојузник и Шведска, земјата која искрено се надевам дека ќе можеме многу брзо да и посакаме
добредојде во големото семејство на нации кои имаат една цел – мир, безбедност и сигурност на
граѓаните во НАТО, потенцира министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервјуто за
Рацин.мк.