23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Маричиќ: ВМРО-ДПМНЕ кажува дека ќе ги реши уставните измени кога ќе дојде на власт, зарем треба да чекаме пет години за тоа?

„Наша должност е да работиме со секој пратеник за да дојдеме до тие 80 за уставните измени. Мене ми е искрено жал што ВМРО-ДПМНЕ ја пропушта приликата исто како што направи со НАТО, да земе учество во оваа одлука, па и во заслугите за отворање на следната фаза на преговорите. Знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ кажува дека сето ова ќе се реши кога ќе дојдат тие на власт, меѓутоа тоа е неодговрно, бидејќи тие најверојатно може да дојдат на власт после пет години. Дали тоа значи ќе чекаме пет години за да го смениме Уставот, или 10 години или колку и да замислил лидерот на опозицијата“ запраша вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Студио 10“ на ТВ24.

Тој додаде дека ако сметаат оти оваа обврска ќе исчезне, дека таа нема да исчезне, туку со одолговлекување само ќе се зајакне позицијата на Бугарија.

„ВМРО-ДПМНЕ неколку пати го смени ставот по ова прашање. Се сеќавате на првата средба меѓу Петков и Мицкоски, Мицкоски кажа дека доколку се гарантира македонскиот јазик и македонскиот идентитет ВМРО-ДПМНЕ нема суштински проблем со гласањето на уставни измени за внесување на Бугарите. Многу кратко после тоа ја смени реториката, сега по мене се крие зад хравтскиот модел, затоа што т.н хрватски модел е нешто што ние сме го имале пред 20 години и тоа е повеќе отворање на прашање на статусот на заедниците кај нас, отколку модел за внесување на Бугарите“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека за ВМРО-ДПМНЕ испаѓа дека не се проблем Бугарите, туку останатите заедници и статусот на заедниците кај нас, бидејќи зошто би било во ред да се внесат Бугарите по тој предлог на ВМРО-ДПМНЕ, а не би било прифатливо да се внесат по македонски модел, кој го имаме веќе 20 години.