Соопштение за јавност на СДСМ:
Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев денеска се сретна со пензионерите од пензионерскиот клуб од општина Гази Баба.
Пред присутните, Богоев истакна дека СДСМ во последните години низ конкретни примери покажа што значи вистинска грижа за граѓаните, особено за пензионерите.
„Од овој месец имаме историско зголемување на пензиите од 8,4 отсто. Пензиите согласно новата методологија минатата година ги зголемивме во два наврати, а со следното покачување кое е предвидено за септември оваа година, за само година и половина пензиите за сите 330.000 пензионери ќе се зголемат за вкупно 25 отсто. Покрај тоа, за пензионерите со ниски пензии обезбедивме тримесечна дополнителна финансиска помош за полесно надминување на последиците од кризата. Знаете и вие дека токму СДСМ исправи една децениска неправда и воведе државна социјална пензија за оние кои не исполнуваа услови да се стекнат со пензија“ порача Богоев пред граѓаните.
Потпретседателот Богоев додаде дека грижата за сите граѓани е приоритет од кој СДСМ не отстапува и дека и во следниот период преку Владата и парламентарното мнозинство што ги предводи ќе продолжи со реализација на мерки и политики што го штитат животниот стандард на граѓаните.