Денеска Секретаријатот за европски прашања одржа конференција на тема „Граѓанските организации – катализатори на европската интеграција на Северна Македонија“, со цел дефинирање на соработката и учеството на граѓанскиот сектор во процесот на преговори со ЕУ.
На настанот беа презентирани моделите за вклученост на граѓанскиот сектор во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, за кои претставниците на граѓанскиот сектор низ отворена дискусија имаа можност да дадат коментари и забелешки за истите.
Настанот го отвори заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ кој кажа дека низ заеднички дијалог и блиска соработка со граѓанското општеството преговорите со ЕУ ќе бидат поефикасни, поквалитетни и брзи.
– Со граѓанските организации имаме иста мисија и цел. Блиската соработка меѓу Владата и граѓанското општество ќе биде клучна за процесот на евроинтеграции и обврски и задачите кои произлегуваат од Францускиот предлог, рече вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека е важно сите да се страната на европската перспектива и да не ја се пропушта можноста Северна Македонија да биде успешна европска приказна.
Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменичка на главниот преговарач со Европската унија Дрита Абдиу-Халили, рече дека Секретаријатот за европски прашања отсекогаш бил отворен за идејата за граѓанските организации активно да учествуваат и да придонесуваат за ефикасен и ефективен напредок на преговорите.
Пред претставниците на граѓанските организации се обрати и евроамбасадорот Дејвид Гир кој го поздрави настанот и фактот што Секретаријатот за европски прашања ја отвора оваа дебата за учество на граѓанските организации во процесот на преговори.
– Самиот процес бара голем ангажман на сите политички чинители и особена посветеност на невладиниот сектор – изјави Шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Гир.
Шведската амбасадорка Н.Е. Ами Ларсон Џејн посочи дека Северна Македонија постави амбициозна цел да биде полноправна членка на ЕУ до 2030 година и дека сега сите засегнати страни треба да работат заеднички за да се постигне таа цел.-Ангажманот на граѓанските организации е суштински за да се обезбеди транспарентност и отчетност на процесот на интеграција во ЕУ. Граѓанските организации се многу важна врска помеѓу Владата и граѓаните на Северна Македонија. Граѓанските организации можат да понудат знаење и експертиза на патот кон севкупната трансформација на македонското општество во евроинтеграцискиот пат, рече шведската амбасадорка Џеин.
После воведните обраќања меѓународниот експерт за соработка на невладиниот сектор во ореговорите со ЕУ, Момчило Радуловиќ, ги презентираше трите модели на вклучување на граѓанскиот сектор во процесот на преговори со Европската Унија.
Низ презентациите подетално ги објасни моделите на директно вклучување на граѓанските организации преку учество во работните групи за секое поглавје, консултации со граѓански организации и коалиции на граѓанските организации преку организирање тркалезни маси и третиот модел, консултации преку директно вклучување на експерти од различни области од граѓански организации.
Вклучувањето на граѓанскиот сектор во процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ е предвидено во Одлуката за формирање на структура за преговори за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, член 15 став 4 и член 16, кои даваат можност за учество на граѓански организации во работните групи за подготовка на преговарачки позиции, информираат од Секретаријатот за европски прашања.
На 28.11.2022 година, Секретаријатот за европски прашања објави јавен повик за регистрација на заинтересирани граѓански организации за создавање на регистар/база на податоци на граѓански организации за консултации за процесот на преговори за членството на Република Северна Македонија во Европската Унија, каде до 10.01.2023 година се регистрираа околу 200 граѓански организации.