Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на пратеничко прашање за замрзнувањето на цените на основните прехранбени произвои рече дека владата од првиот ден на кризата до денес со низа преземени мерки и политики покажаа дека никој не е оставен сам да се справува со последиците, но и дека нема да биде дозволено профитерство на грбот на граѓаните.
Премиерот посочи дека цените се замрзнуваат, за да останат парите кај граѓаните, а овие мерки се преземени во пресрет на големите верски празници бидејќи граѓаните сакаат и заслужуваат на достоинствен начин да ги прослават празниците.
„Минатиот месец ја замрзнавме цената на белиот и полубелиот леб, а ги намаливме и цените на дел од тестенините за 15%, како и цените на дел од млечните производи, меѓу кои кравјото млеко, урдата, сирењето, кашкавалот, киселото млеко, павлаката и јогуртот, за 10%. Последно ја замрзнавме и цената на јајцата од кокошка и оризот, со што нивните највисоки цени ќе останат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година со важност до 30 април 2023 година. Што значи дека оневозможивме зголемување на цената на овие производи пред велигденските празници и пред празникот Бајрам за нашите граѓаните“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски истакна дека цената на јајцата во Северна Македонија е 8,5 денари и најскапото може да оди до 9,8 денари по јајце, зависи од пакувањето и од амбалажата. Маржите веќе се замрзнати така што цената на овие производи ќе биде константна и предвидлива до 30-ти април а веројатно и понатаму.
„Има уште една одлука која ги обврзува малопродавачите минимум 70% од набавките кои што ги имале во текот на јануари и февруари да ги имаат и во периодна замрзнати цени бидејќи цените на овие производи на пазарите во регионот се значително повиски од кај нас. Со оваа конкретна мерка, трговците се обврзани редовно да ги снабдуваат маркетитие и јас заедно со министерот за економија периодично одиме во малопродажбата и го проверуваме спроведувањето на овие мерки заедно со директорот на ДПИ чии што 150 инспектори се постојано на терен и кои што имаат извршено 500 контроли во текот на изминатиот период што значи дека работат исклучително ефикасно и веќе се работи на изрекување на казни за оние кои што не ги почитувале, меѓутоа многу е мал бројот во малопродажба тргоци кои не ги почитувале овие мерки“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски посочи дека овие мерки не се носат произволно, туку се базирани врз аргументирани факти и анализи.
„Ги следевме и ќе ги следиме случувањата на домашниот, но и на светските пазари. Воедно, внимателно ги следиме и реакциите во јавноста. И соодветно на тоа, како Влада, реагираме и ќе реагираме со сите нашите механизми, со цел да не дозволиме дисбаланс на домашниот пазар, што би се одразило и врз семејниот буџет на граѓаните.
Во овој контекст, сакам да информирам дека во моментот се завршени анализи за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот, кои што се направени од Министерството за земјоделие и веќе се доставени до МЕ чии што тимови ги прават анализите и може да очекуваме уште утре на седница на Влада да ги разгледаме предлог одлуките кои што се однесуваат на замрзнување и на дел од овие производи, а денеска се уверивме со министерот за економија дека ќе треба да се интервенира и кај дел од хигиенските производи кои што најмногу граѓаните ги купуваат“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот посочи дека освен што се носат мерки и се замрзнуваат обезбеден е и континуиран раст на платите и пензиите и што исто така влијае на стандардот на граѓаните.
„Ние како Влада и јас како премиер, продолжуваме да ја развиваме државата и да носиме мерки кои што ќе бидат и за заштита на стандардот на граѓаните и за заштита на ликвидноста на компаниите што можевте да се уверите и преку новите кредитни линии преку Развојната банка на државата“, рече Ковачевски.