25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Тренчевска: Носењето на нов општ колективен договор е неопходно, ќе даде решение за состојбата на вработените во јавниот сектор

Економскиот социјален совет денеска ја оддржа седмата седница, на која се отвори дискусија за неопходноста од склучување на нов Општ колективен договор и за Предлог законот за систем на плати во јавниот сектор, како точки на оваа седница.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска како претседавач на Економско социјалниот совет ја отвори дискусијата и притоа ја нагласи потребата од нов Општ колективен договор, земајќи предвид дека последниот Општ колективен договор е потпишан 2008 година, а во меѓувреме се настанати голем број на измени во законодавството.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека, Општиот колективен договор ќе даде решение за состојбата на работниците во јавен сектор, условите, правата и обврските на двете страни како производ на социјалниот дијалог.

На денешната седница социјалните партнери се договорија да се формира работна група која ќе работи на подобрување и уредување на предлог текстот на Општиот колективен договор, а така добиениот текст , уште еднаш ќе се разгледа на следна седница на ЕСС. Во работната група, ќе учествуваат претставници од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за економија, Министерството за финансии, Министерство за информатичко општество и администрација, Организација на работодавачи и Бизнис конфедерацијата на РСМ и Синдикатите.

Од страна на експертот ангажиран за подготовка на предлог законот за систем на плати, беше презентиран предлог законот, по што се отвори дискусија за истиот. Притоа, беше истакнато дека, се работи за сложен и комплексен закон, кој бара посебно внимание, затоа сугестиите и мислењата на сите страни се од големо значење.

Како Влада продолжуваме заедно низ дијалог, да носиме системски решенија кои се правични и даваат резултати на долг рок.