Средбата Вуќич-Курти во Охрид, во рамките на дијалогот Белград-Приштина под покровителство на ЕУ предизвика огромен интерес кај медиумите од регионот и од целиот свет.
Меѓу акредитираните 230 новинари и сниматели од бројни медиумски куќи постојат различни проценки за исходот од овој состанок, но главно доминираат оние коишто се умерени и кои коментираат дека секоја средба е значајна и го помага олеснувањето на дијалогот.
Еуген Сарачини, директор на ТВ 21 Приштина за оваа анализа истакна дека настанот е многу значаен затоа што стабилноста на регионот зависи од стабилноста на земјите и на односите меѓу нив.
„Во таа смисла и за Косово и Србија ова е шанса нивните односи да бидат пријателски и во интерес на граѓаните на двете земји. Сметам дека премиерот Курти треба да биде похрабар и со гаранциите на САД и ЕУ да ги прифати предлозите за спорните прашања како што е Заедницата на српските општини на Брисел околу кои сега постојат најголеми недоразбирања“, вели Сарачини.
Тој додава деја сите контакти се добредојдени и го помагаат релаксирањето на односите меѓу граѓаните наспроти некои сили во Косово и Србија коишто ги минираат овие процеси, односно создаваат илузија дека единствено исптравно е капитулација на Косово или капитулација на Србија.
Од таа перспектива директорот на ТВ 21 Приштина вели дека комуникацијата меѓу Србија и Косово е значајна и за Отворен Балкан, како добра можност за регионот.
„Косово очекува да биде рамноправен партнер во таа иницијатива. Затоа мислам дека овие разговори ќе помогнат сите земји од Западен Балкан да бидат заедно и во тој процес и со тоа да ги забрзаат сопствените процеси за брза интеграција во ЕУ“, истакна Сарачини.
Жељко Шајн, специјален дописник на белградска „Политика“ е виздржан во оценката.
„Од денешните разговори во Охрид за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина не може да се очекува испишување на некоја политичка симфонија, но како увертира ќе се разговара, меѓу другото, за моделот на Заедницата на српските општини во Косово“, истакна Шајн.
Тој вели дека не може да се очекуваат лесни преговори и заради сложена меѓународна ситуација заедно со војната во Украина од една страна, како и од сложената ситуација и во Србија и Косово. „Сѐ уште ги имаме последиците од распаѓањето на Југославија како што е барањето на Косово да биде меѓународно признаена држава, а Србија со својот устав не може да го прифати тоа“, ни рече Шајн и додаде дека овие преговори имаат за цел да постигнат компромис за мирно разрешување на недоразбирањата.
извор Рацин.мк