За новото постапувањето по однос на лажните дојави за бомби се работеше заедно во дискусија со експерти во оперативниот тим, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во ТВ24.
– Ние како МВР го донесовме оперативниот план, тоа е класифициран документ, на него работевме заедно со МОН. Веќе имаме координација и тоа што е важно за менаџерите на образовните институции е дека тие се запознаени со главните нешта. Ние еве и сега имаме полицајци по училиштата, граѓаните треба да се чувствуваат безбедно. Важно е да не се злоупотребува процесот. Имаме партии кои бараа полиција да има 24 часа во училиштата, а во петокот кога донесовме ново упатство велат дека не треба да има полиција во училиштата. Тоа фрла еден нов сомнеж, но не сакам ова да се политизира. Важно е да имаме процес што добро се менаџира и во иднина да немаме прекин на наставата, рече Спасовски.
Според него, наставата е непрекината и постапувањата се согласно фактичката состојба на терен.
-Важна е безбедноста на учениците и спокојот на граѓаните. Ако имаме дојави се цени ризикот од дојавата и врз основа на тоа ќе имаме постапување. Постапувањето ќе е во секој случај, кажа министерот.
Тој додаде дека во позадина се геостратешки причини, бизнис или политички интереси и во тие рамки се водат анализите на безбедносните служби.