24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Западен Балкан се реформира, очекуваме план за членство во ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во своето видеообраќање на денешниот Скопски Економски Форум, на панелот насловен: „После Самитот во Тирана: Пристапувањето на Балканот во Европската Унија“, кажа дека европската перспектива на регионот е реална и предвидлива, но од ЕУ се очекува јасен план за политиката на проширување.

– Балканот е на реформскиот пат, посветен е на трансформацијата на општествата, но она што очекуваме е план за членство во Европската Унијата. Јасната европска перспектива со точни и предвидливи датуми ќе делува како катализатор, и ќе ни биде поттик брзо да ги спроведеме реформите, или фигуративно кажано – да понудиме навремени и квалитетни решенија за нашите обврски и задачи кон ЕУ, истакна Маричиќ.
За вицепремиерот темата на панелот е клучна за ЕУ и регионот, во време кога стариот континент е соочен со безбедносна криза и кога сме сведоци на создавање услови и обид за нов геополитички поредок.

– Нас како европјани најповеќе нè интересира кои се следните чекори и каде и како ќе се движи Европа. Руската агресија врз Украина беше аларм за Европската унија дека мора јасно и прецизно да ја дефинира својата стратешката политика и да направи план за европската перспектива на нашиот регион, посочи Маричиќ.

Маричиќ смета дека неопходно е испраќање сигнал дека Европската Унија останува и понатаму да ја има водечката улога ЕУ на овие простори и дека тоа веќе го потврди со одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана.

– Унијата ја потврди посветеноста и најави натамошен зголемен политички ангажман во регионот. Ова е особено важно во време кога довербата кај граѓаните од државите на Западен Балкан за процесот на евроинтеграциите значително опаѓа, првенствено поради ставањето на страна на регионот и долгото чекање пред вратите на ЕУ, укажа Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ уверува дека постои одлучност да го постигнеме посакуваниот напредок на патот кон членството во ЕУ и процесот на преговори да го изведеме квалитетно и брзо.

– Нашата крајна цел е да ја донесеме Европа дома, за да ја живееме Европа, а не само да зборуваме и да се надеваме на неа. Со Европската унија ја делиме одговорноста и европските вредности, и како стратешки партнери заеднички ќе одговориме на сите надворешни влијанија, обезбедувајќи континуирана политика на проширување и обединување на Западен Балкан со ЕУ, изјави Маричиќ.

Вториот Економски Форум во Скопје е во организација на Делфи Економски Форум и Грчката бизнис-асоцијација. Форумот го отвори премиерот Димитар Ковачевски, а учество зедоа и политичари од регионот, меѓу кои и премиерите на Косово и Црна Гора, Албин Курти и Дритан Абазовиќ.