23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Платформата за родова еднаквост повика на протестен марш за 8 Март во Скопје

По повод 8-ми Март, Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, Платформата за родова еднаквост повика на протестен марш.

Маршот ќе биде под слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“ и ќе започне во 18:00 ч. на Плоштадот Филип II во Скопје.

Иницијаторите на маршот ги охрабруваат учесниците да земат со себе реквизити како свирчиња, тенџериња и дрвени лажици, светлечки батерии, транспаренти, со цел пораката да се пренесе погласно.

„Да се биде жена или девојка во оваа земја значи секојдневно да се соочуваш со ново прашање за преживување: Дали ќе го преживеам ова возење со такси? Дали ќе го преживеам овој месец? Дали ќе го преживеам браков? Дали ќе го преживеам породувањето? Дали ќе ја преживеам оваа операција? Дали ќе го преживеам насилството? Да се биде жена во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш тој ден”, се укажува во објавата.

Во повикот за маршот се објаснува дека „Овој марш е протестен одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед: од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените.”

Иницијаторите на маршот укажуваат и на дискриминацијата и нееднаквоста со која се соочуваат жените и девојките; „Во 2023 година, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани во секој поглед и не остваруваат ниту еднакви права, ниту еднакви можности, ниту дома, ниту на работа, ниту во политиката, ниту во социјалниот живот. Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат нивните потреби, со институции кои не ги заштитуваат, механизми кои се слепи кон потребите за унапредување на родовата еднаквост и култура на насилство и мизогинија која постојано се шири.”

Од Платформата за родова еднаквост упатија повик до сите да се приклучат на маршот, бидејќи е сечиј проблем: „Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас – бидејќи родовата нееднаквост е сечиј проблем, а единствено здружено сме посилни. Ве повикуваме заедно да кренеме глас за женските права. Марширајте со нас, со почеток во 18.00 часот, дојдете на Плоштад Филип II или приклучете ни се на некоја од точките на рутата. Маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите.”

извор СМК.мк