23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Цената на лебот ќе биде 33 денари до крајот на мај

Одлуката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари, ќе се применува до 31 мај годинава, соопшти Владата.

За замрзнувањето на цената претходно информираше премиерот Димитар Ковачевски, кој истакна дека одлуките ги носат за да не дозволат едни да плаќаат, други да се богатат оти и покрај субвенцијата за струја, само некои ги намалиле цените.

„Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволно време за да се усогласат цените. По извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат, иако производителите добиваа субвенција за електрична енергија, цените на производите не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени продукти, дел намалија од 7 до 12 проценти. Затоа денес ја укинавме оваа мерка. Ќе се снабдуваат со струја во согласност со Законот за енергетиката. Ја замрзнавме цената на белиот и на полубелиот леб, сечен и на парчиња или цел, на 33 денари за леб со тежина од 450 грама. Цената на лебот под 450 грама ќе биде до 33 денари. Антикризните мерки не ги донесовме за едни да бидат поповластени од други, едни да плаќаат, други да се богатат и да удрат по џебот на граѓаните за бенефит на поединци“, рече премиерот Ковачевски.

Крајната цел на субвенцијата, како што нагласи Ковачевски, била да се овозможи пониска цена на производите за граѓаните, па од тука мерката се укинува.

Пекарниците вчера се заканија дека ќе престанат да произведуваат леб и да го носат на пазарот ден по објавувањето на одлуката за замрзнување на цената на лебот во „Службен весник“. Пекарско-мелничарската индустрија смета дека замрзнувањето на цената на 33 денари неминовно води кон затворање на компаниите оти сите веќе бележат загуби или се на нула.