25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Максимално производство на домашна струја за пониски цени за граѓаните и компаниите

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Последните податоци покажуваат дека во месец јануари, за првпат во последните 15 години, од вкупните потреби на електрична енергија во земјава, дури 87% се обезбедени од домашните производствени капацитети, додека само 13% се обезбедени од увоз, за разлика од вообичаените 30% во просек порано. Ваквите резултати пред се се должат на заштедата на електрична енергија кај компаниите, институциите и домаќинствата, но и на зголемувањето на домашните капацитети за производство.

Владиниот советник за енергетика Виктор Андонов кажа дека домашното производство на електрична енергија е стабилно и во целост ги задоволува потребите на домаќинствата, малите потрошувачи, како и потребите за дополнителните снабдувања за училишта, прехранбената индустрија и други витални државни субјекти.

Тој потенцира дека Владата и во 2023 година продолжува со спроведување на планот за полесно справување со енергетската криза кој вклучува, зголемено домашно производство на електрична енергија и непречено снабдување на граѓаните со електрична и топлинска енергија.

Инаку, за првпат на петти февруари снабдувањето со електрична енергија беше целосно исполнето од домашното производство. АД ЕСМ тогаш произведе 20.926 MWh електрична енергија.

– Со тоа целосно со сопствена произведена енергија беа задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и други витални држави субјекти. Според последните податоци од диспечерскиот извештај на АД ЕСМ домаќинствата и дополнителните снабдувања се целосно задоволени со електрична енергија од капацитетите на ЕСМ – истакнаа од компанијата.

РЕК Битола единствен капацитет на Балканот со резервен трансформатор
Државата ги ангажираше сите капацитети за домашно производство на електрична енергија, што придонесе цената на струјата да не се зголемува. Светската енергетска криза предизвика за првпат во 70 години, сите енергетски капацитети во државата, како што се трите блока на РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино со двата котли, електраните на гас во Скопје, како и сите агрегати на хидроелектраните во државна сопственост, да се во функција и да произведуваат енергија. Воедно ЕСМ успева да обезбеди струја за 100 проценти од домаќинствата во државата, како и евтина електрична енергија за училиштата, прехранбената и месната индустрија, јавните комунални претпријатија и болниците. Исто така, се регистрира и извоз на струја, што овозможува дополнителен девизен прилив.

Од 14-ти јануари година РЕК Битола започна да работи со целосен капацитет, односно со своите три блока. Новиот трансформатор за Блок 3 што го изработи „Астор“ е најсовремен и има загуби од 4 до 5 отсто, за разлика од стариот каде загубите беа 11 отсто. Покрај тоа, работи на променлив напон со што има поголема заштита од евентуални надворешни влијанија поради кои дојде до пожар во стариот трансформатор во ноември 2021 година. Стариот трансформатор, пак, во моментов е на репарација во специјализирана фабрика во Белград и деновиве треба да биде готов и транспортиран во РЕК Битола. Со тоа комбинатот ќе стане единствен во регионот кој има резервен трансформатор.

ТЕЦ Неготино пак, започна да работи со полн капацитет во декември минатата година. ЕСМ го вклучи во функција и вториот котел во ТЕЦ „Неготино“, и термоелектраната во моментот работи со полн капацитет. Вториот котел е синхронизиран на мрежа по сите протоколи на вклучување, односно по првично стабилизирање на системот со работа со еден котел. Согласно планот за производство, ТЕЦ „Неготино“ треба непрекинато да работи со два котли до крајот на април, кога веќе ќе биде завршена грејната сезона.

ТЕЦ Осломеј, како дел од рударско енергетскиот комбинат РЕК Осломеј, е втора термоелектрична централа според инсталирана моќност во Република Северна Македонија која своевремено учествуваше со приближно 10% во вкупното домашно производство на електрична енергија. Сепак, по настапувањето на енергетската криза, властите преземаа сериозни реконструктивни зафати за да може да испорачува енергија со полн капацитет. Од ЕСМ информираа дека изминатиот период во ТЕЦ „Осломеј“ се вршеле неопходните ремонтни активности, како и други помали зафати, сѐ со цел, како што велат, во текот на грејната сезона да има сигурна работа на термоелектраната. Па така, ТЕЦ „Осломеј“ во декември беше повторно вклучен на мрежа и произведува електрична енергија во електро-енергетскиот систем.

– Целта на зафатите беше да имаме сигурна работа на капацитетот во грејната сезона, бидејки станува збор за термоелектрана изградена пред 42 години – соопштија од АД ЕСМ.

Во меѓувреме, големо учество во производството на електрична енергија имаат и обновливите извори на енергија. Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека АД ЕСМ од 2019 година почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција односно енергетската трансформација, но дека во меѓувреме се случи енергетската криза. И покрај тоа, како што кажа Ковачевски, во тек e реализација на 12 проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760MW, што е повеќе од постоечката инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420MW во моментов.

– Во 2019 АД ЕСМ ја купи и ја стави во функција когенеративната гасна електрана КОГЕЛ од 30MW, во април 2022 година пуштена е во тест производство 10MW Фотоелектрична централа Осломеј-1, во тек е постапката за изградба на уште една сончева електроцентрала од 10MW во Осломеј, и на две фотонапонски електроцентрали од по 50MW, или вкупно 100MW во Осломеј, како јавно-приватно партнерство. Вкупно четири фотонапонски електрани од 280MW ќе се градат во РЕК Битола, исто така на локација на стари рудници, когенеративна гасна електрана од 250-400MW ќе се гради во РЕК Битола и ќе замени два блока од термоелектраната – истакна Васко Ковачевски.

Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека во мандатот на Владата веќе се инсталирани 27 мегавати фотоволтаични централи во државата, повеќе отколку што вкупно беа инсталирани за 11 години.

– Владата е силно фокусирана на инвестициите во енергетскиот сектор кои ќе ја зголемат енергетската транзиција и независност. Следниот месец, во Собранието треба да се достават неколку закони за стратешки инвестиции, тие што беа прогласени во текот на претходните години. И тоа за ветерниот парк „Вирови“, од страна на германската компанија „Ви-Пи-Ди“, најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, „СТИПИОН“ со капацитет од околу 400 мегавати, од реномираната француска компанија „Акио“. Неодамна почна со работа новата 17 МW соларна електрана, инвестиција која оваа Влада ја обезбеди на компанијата од Словенија „Ген-И“. Станува збор за најголемата фотоволтаична електрана во земјата, лоцирана во Свети Николе – рече Ковачевски.

Според него преку концептот на Стратешки инвестиции се обезбедени над 1000 мегавати во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи и тоа со реномирани европски компании.

Повиците за заштеда на струја дадоа резултат
Сепак, освен зголемувањето на домашното производство, властите апелираа и на заштеда на електрична енергија. Според првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, повиците вродиле со плод.

Домаќинствата ја намалиле вкупната потрошувачката на електрична енергија во јануари за 14%. Во согласност со информациите, вкупната потрошувачка на домаќинствата во јануари годинава изнесувала над 349 GWh (349.830.666 kWh), а истиот месец минатата година била потрошена поголема количина електрична енергија и таа изнесувала 408 GWh.

– Од јануари, откако во сила е новата цена на електричната енергија, која за 99,2 % од домаќинствата е пониска, продолжува трендот на рационално користење на електричната енергија. Секој месец ги анализираме податоците и ги мериме ефектите од блок-тарифите. Во прилог се и временските услови, но факт е дека домаќинствата рационално ја користат електричната енергија, па, така, во јануари потрошувачката на домаќинствата е намалена 14 % во споредба со истиот период од минатата година – изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Поради зголеменото домашно производство и заштедата на електрична енергија, властите очекуваат од јули да се намали цената на електричната енергија за потрошувачите, покрај фактот дека со воведувањето на блок тарифите цената на струјата е намалена кај 70.000 мали компании на регулираниот пазар, а 99,2 проценти од домаќинствата немаат зголемени цени на електрична енергија.

извор: Рацин.мк