Некои од главните причини за донесување на нова ЕУ регулатива за слобода на медиумите се нивна заштита од различните форми на влијание врз уредувачка политика, промените во обрасците на информирање на публиката и падот на приходите во медиумскиот сектор поради конкуренцијата од социјалните мрежи и другите актери во дигиталното опкружување, вели во интервју за Рацин.мк д-р Снежана Трпевска, експертка за медиумска и комуникациска политика од Институт РЕСИС, која што е вклучена во утврдувањето на регулативата којашто како драфт беше претставена минатата есен.
Во новиот дигитален екосистем, вели д-р Трпевска, медиумите се соочија со конкуренција од актери кои не се медиуми во традиционална смисла, не продуцираат уредувачки обликувани информативни содржини, туку се „посредници“ во нивната дистрибуција. Тоа се различните видови дигитални платформи: социјалните мрежи, пребарувачите и автоматските агрегатори на вести и проблемот е во тоа што тие го контролираат или насочуваат пристапот на публиката до медиумите и информациите и што профитираат од таа нивна улога на „гејткипери“.
Во Брисел утврдиле, вели д-р Трпевска за Рацин.мк, дека проблемот е што нивните бизнис модели се потпираат врз ресурсите што во минатите години обезбедуваа економска одржливост на приватните медиуми, односно огласувањето. Сето ова ги загрози медиумските компании, создаде правна несигурност, ги ослаби гаранциите за нивната уредувачка независност и за работата на новинарите и доведе до сериозни негативни последици по слободата на изразувањето и информирањето во Унијата.
– Во однос на уредувачка независност на медиумите секоја земја членка на ЕУ, и земјите кандидати за членство, ќе треба во медиумските закони да ги внесат или да ги засилат гаранциите за ефективна уредувачка слобода на сите видови медиуми, вклучително и онлајн медиумите, и да се зајакне заштитата на новинарските извори – истакнува Трпевска за Рацин.мк.
Нашата соговорничка на оваа тема информира дека новата регулатива ќе донесе препораки и за јавните медиумски сервиси со кои треба да се зајакнат одредбите во медиумската легислатива за да се обезбеди адекватно и стабилно финансирање на јавниот сервис, со цел да се осигури и негова уредувачка независност.
д-р Снежана Трпевска, експертка за медиумска и комуникациска политика од Институт РЕСИС, открива дека државното рекламирање не е исклучено, во националните закони ќе треба да внесат јасни одредби за транспарентна и недискриминаторна распределба на средствата за оваа намена.
Во интервјуто за Рацин.мк д-р Трпевска открива деталји од новата ЕУ регулатива коишто ја опфаќаат концетрацијата на медиумската сопственост и прашањата за сопственичката структура во медиумската индустрија.
За сите овие прашања поопширно и за другите теми што ги опфаќа новиот акт за медиумски слободи на ЕУ во ингтерјуто со д-р Снежана Трпевска што ќе биде објавено денеска во 16:30 часот на Рацин.мк.
извор: Racin.mk