25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Нема спас за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, предметите на СЈО продолжуваат со судења

Жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов беше отфрлена од судот во Стразбур, што значи дека предметите на СЈО и судењата кои произлегоа од нив ќе продолжат. Судот во Стразбур се изјасни по жалбата поднесена од осумина граѓани на Република Северна Македонија. Станува збор за аболицијата на Иванов од април 2016 година со која беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјално јавно обвинителство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски во неговата влада Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УЈП Сашо Мијалков и други тогашни државни функционери. Жалбата беше отфрлена од судот, што значи дека предметите на СЈО и судењата кои произлегоа од нив ќе продолжат.

Преку соопштение претседателот Стево Пендаровски ја поздрави одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесена утрово.

-По објавувањето на одлуката од страна на Европскиот суд за човекови права, претседателот ја разгледа со советничкиот тим и смета дека сите засегнати со постапките поведени од страна на обвинителството и судовите во државата, треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур. Во оваа смисла, сите постапки пред домашните судови продолжуваат до нивно конечно завршување, односно исцрпување на сите правни средства согласно правните прописи на нашата држава, велат од кабинетот на претседателот.
Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување. Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести.

По реакциите во јавноста, беа донесени измени на Законот за помилување со што се отвори простор за повлекување на аболициите.