25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРА

Костадиновска-Стојчевска: Повеќе од 12 милиони евра поддршка за домашните уметници и вредностите на културно творештво

„Оваа година, според исходот од конкурсот, културата ќе биде во духот на разноликоста, традицијата и националниот идентитет. Станува збор за проекти од јавен интерес, кои ќе ги промовираат достигнувањата на нашите уметници и вредностите на домашното творештво и културно наследство, што е и една од нашите цели“ изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на презентацијата на резултатите од Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023-та година.

Таа кажа дека буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12 и пол милиони евра.

„Комисиите кои одлучуваа по пријавите по дејности, останаа доследни на принципите: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката кажа дека 2023-та е година и на значајни јубилеји и годишнини и дека соодветните комисии и овој факт го имаа предвид поддржувајќи квалитетни проекти.

„Поддржани се проекти за одбележување 60 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Година на Ацо Шопов, 120 години од Илинденското востание, 120 години од објавувањето на книгата „За македонските работи“ на Крсте Мисирков и 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик кој го носи неговото име. Исто така поддршка добија и јубилејот 115 години од раѓањето на Коста Рацин, 120 години од раѓањето на уметникот Никола Мартиноски, како и 75 години на сцена КУД „Емин Дураку“ и КУД „Јуни Јол““ рече Костадиновска-Стојчевска.