26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Само 5-мина твитерџии продуцираат 15% од вкупниот број твитови за најважните политички теми во Македонија

пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

Петмина твитерџии, седнати во удобноста на своите фотелји, или во било кој амбиент во кој се чувствуваат „креативни“, продуцирале дури 15% од вкупниот број твитови за 10-те најважни политички теми во Македонија.

За да биде појасно, станува збор за 15% од 40.399 објави на Твитер во 2022 година, во 11 теми од висок политички интерес, што е околу 8% од вкупниот број твитови обработени како дел од истражувањето „Опсерваторија на влијанието и имиџот на државите“ на Институтот Преспа.

Во анализата „Македонскиот дигитален пејсаж – Координиран или подготвен пристап“ се обработени 519.354 објави од 11.721 уникатни корисници, вклучувајќи ги ретвитнатите објави, цитати и одговори на објавите.

Од вкупниот број на 52 теми кои ги идентификуваше истражувањето за 2022 година, од интерес за анализа се кластерирани 11 теми кои спаѓаат во зоната на актуелен или висок политички интерес и ги опфаќаат критика на македонски политичари (и од власта и од опозицијата со 15.063 објави); Украина, Русија, Путин (7.051 објави); Македонски национални чувства, македонски јазик, македонски идентитет (4.312 објави);Град Скопје (2.447 објави); Здравствен систем (2.236 објави); Влада, Премиер, министри во Владата на Северна Македонија (2.180 објави); Бугарија Бугари и сите други атрибути што произлегуваат од овие клучни збоови (1.901 објави); Србија, српско, српски, српска, Срби, Југославија (1.601 објави); Ковид-19, вакцини и вакцинација (1.481 објави); Бензин, дизел, скапо гориво (1.091 објави); и Енергетска криза, цената на струјата (1.036 објави).

Како што може да се види, повеќе од 30% од сите објави се критика за македонските политичари и од власта и од опозицијата.

Деталната поставеност на методологијата на истражувањето овозможува да се препознаат 10-те топ корисници на акаунти на Твитер. Петмина, како што нотира истражувањето, продуцираат дури 15% од вкупниот број твитови во овие 11 кластери, односно теми од висок политички интерес, а тројца од тие 5 се секогаш во врвот на листата на најактивни твитерџии на овие теми.

Статистичкиот шум на Москва

Она што е интересно и истовремено и парадоксално е што освен квантитет, петмина твитерџии, и покрај тоа што се одговорни за толку многу твитови многу малку, односно незначително имаат интеркација со другите корисници на мрежата. Тие интеракции се сведуваат, покажува истражувањето, на минимален број директни следачи, со 2 до 10 лајкови по објава и во просек со 1 ретвит.

Парадоксално тоа изгледа многу малку за да предизвика посериозна интеракција, но, како што вели Демијан Хаџи-Ангелковски, надворешен соработник и истражувач во Институтот ПРЕСПА,но од „овие петмина Твитер профили се ‘емитуваат’ огромен број оод бјави и, иако статистички прават само медиумски шум, бројот на објави ги става многу високо на хронолошката листата и со тоа го ‘лажат’ алгоритмот на оваа соц мрежа затоа што заради бројот и зачестеноста на објави, социјалната мрежа ги нуди за заследување на профилите или на темите што тие ги афирмираат и застапуваат“.

Извршниот директор на Институтот Преспа Андреја Стојковски, заклучува дека „од овој начин на нивно постапување може да се заклучи дека нивна цел не е личното влијание или опфат во Твитер сферата, бидејќи за тоа треба и интеракција, туку имаат за задача или за цел, да промовираат свој став, да отвораат, наметнуваат или одржуваат во живот од нивни интерес“.

Стојковски дополнува дека „можат да се забележат многу интересни врски помеѓу нивниот начин на постапување и од учеството во секоја од темите“, додека Хаџи-Ангелковски ги гледа како профили коишто имаат задача да објавуваат на зададени теми.

Доминација на прорускиот наратив

Вториот дел од анализата „Македонскиот дигитален пејсаж – Координиран или подготвен пристап“, како дел од истражувањето „Опсерваторија на влијанието и имиџот на државите“ на Институтот Преспа, утврдува кој начин глобалните и домашните трендови влијаат на изборот на темите на македонските твитерџии.

Доколку се разгледа активноста на темите по денови интерактивна верзија од графикот во текот на целата година, се забележуваат 3 многу јасни пикови на активност. Тие пикови ги „генерираат“ почетокот на војната во Украина, протестите против т.н. „Француски предлог“ и носењето на Буџетот за 2023 година и зголемените повици на меѓународната заедница за решавање на проблемот со корупцијата во државата.

Од друга страна, се гледа дека вакцинацијата и Ковид19 како теми се активна само на почетокот на 2022 година, а со почетокот на руската инвазија на Украина речиси исчезнуваат.

Македонските твитерџии највеќе објавуваат за руската инвазија на Украина, пред самиот почеток на истата и во првите недели од војната.

Главниот дел од споделените објави на оваа тема доаѓаат од оние пет профили кои веќе ги споменавме. Забележително е дека тие имаат изразено проруски ставови, активни се во периодот пред инвазијата следејќи го општиот наратив кој исцртува линија на конфликт помеѓу НАТО и Русија, секогаш оправдувајќи или величејќи ја втората страна, а продолжуваат со оправдување на инвазијата како ослободување на „руските територии“. Оваа тема продолжува да се одржува во текот на целата година, се разбира во подолги периоди со минимален број на објави, а во периодот септември и октомври повторно се враќа, иако не со толку силен интензитет.

Забележлива е разликата помеѓу објавите пред и после почетокот на инвазијата. Во неделите пред самата инвазија, посочените профили шират стандарден проруски наратив. Додека, по почетокот на инвазијата темата ја прошируваат со веќе јасни антизападни, анти-НАТО и анти-украински објави.

Во овој период се јавуваат и објави кои ја осудуваат инвазијата, изразуваат ставови против рускиот претседател Путин, и ја поддржуваат Украина во сопствената одбрана. Но, како контра одговор, овие објави се следени со значително проширување на групата на профили кои имаат остра проруска реторика.

Намалувањето на интензитетот на темата за руската инвазија отвора простор за нови теми, во овој случај јасно поврзани, насочени кон домашната политика или политики. На пример, токму во текот на март, за прв пат во 2022 година се јавува темата за цената на бензинот и дизелот .

Објавувањето на резултатите од пописот во 2021 година, ја отвора или во случајов, обновува и зајакнува темата за Македонија и македонците, кој потоа тлее, се до почетокот на протестите против т.н. „француски предлог“.

За време на протестите, како што утврдуваат во анализата од Институтот Преспа, јасно се глед засилување на темата за Бугарија, односно против отворање на бугарските клубови во Северна Македонија и онаа генерална антибугарска нишка, која интензивно се промовира од една многу мала група на корисници. Конечно, во текот на целата 2022 година, една тема е константна и речиси со постојан интензитет на објави, Србија и српскиот народ, а видлив е јасен просрпски, позитивен, наратив.

Извршниот директор на Институтот Преспа Андреја Стојковски и Демијан Хаџи-Ангелковски, надворешен соработник и истражувач во Институтот ПРЕСПА, посочуваат на заеднички точки што произлегуваат од оваа анализа и тоа личностите или профилите кои објавуваат; секвенцирањето на темите на кои се пласираат објави; и интензитетот со кој се пласираат објавите,

Стојковски и Хаџи-Ангелковски заклучуваат дека постои координиран или подготвен пристап кон македонскиот дигитален пејзаж во кој сите теми се прописно секвенцирани и прилагодени за напад и разнишување на довербата во функционирањето на институциите и правилноста на политиките кои се развиваат. Тука особено нашите определби за членството во НАТО и зачленувањето во Европската Унија. Притоа, координацијата се огледа во делот на учесниците и нивните објави, квантитативно, но и квалитативно, додека планираниот или подготвениот пристап се огледа во фактот дека сите теми од интерес се поврзуваат, се следат и имаат сличен наратив.

Ако го анализираме ефектот на интензитетот со кој се пласираат објавите, велат од Институтот Преспа, може да се заклучи дека тој не предизвикува или не придонесува за промена на политиките на државата, но не ја исклучуваат намерата, целта или задачата, на долгорочен план да придонесуваат на насочување на јавното мислење и јавниот дискурс.

Од институтот Преспа најавуваат дека некои од следните чекори на истражувањето во 2023 година ќе бидат дополнителните истражувања за за да се утврди дали станува збор за ботовска активност или активност на реални ликови коишто стојат зад овие профили кои шират туѓа пропаганда.

извор: racin.mk