9.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Лажните бомби: Стаклениот ѕвонец на „рускиот свет“

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали знаете дека нападот на Русија врз Украина започна со едномесечни лажни јавувања за бомби во основните училишта? Веројатно – не. Но попладнето на 24 јануари 2022 година, илјадници наставници и ученици беа евакуирани поради анонимна дојава за подметнати бомби во училиштата низ градот Чернихив, сега и нам познат по воените дејствија, кој имаше околу 285.000 жители. Децата во предучилишна установа во центарот на градот спиеле кога се вклучил алармот. Да, токму така, од алармот не биле исклучени ниту оние кои биле дел од воспитниот процес на најмладите! „Ја добивме пријавата и набрзина ги изнесовме сите деца и вработени од зградата“ – изјави тогаш директорката на предучилишната установа бр. 26, Викторија Олексиенко за РСЕ – „Ни требаа околу шест минути да ги извадиме сите деца. Тие спиеја и брзо ги облековме и ги извадивме. После тоа ги повикавме сите родители кои дојдоа да ги земат своите деца.“

„Трчав да си го земам детето, за малку ќе паднев“, вели жителка на Чернихив кој побара да биде идентификувана како Тетјана. „Бев преплашена. Ми се јави наставничката и ми рече дека морам веднаш да го земам детето. Таа не ми кажа за што се работи и веднаш помислив на најлошото.“

Така, преку лажните аларми од овој тип, што ја зафатија цела Украина во време на зголемени тензии меѓу Украина и Русија, се најавија руските тенкови. Не многу подоцна, само за еден месец сè стана јаве – руските трупи го зазедоа овој град, за да го напуштат во првата контраофанзива на војската на Украина, во април минатата година. Но, жителите на градот веќе претходно беа станаа жртви на еден друг тип на активности кои тогаш и кијивската разузнавачка служба СБУ го опиша како „хибридно војување“. Според оваа служба (СБУ) уште во 2021 година имало повеќе од 1.100 лажни закани за бомби во училиштата низ целата земја. Само во првите три недели од 2022 година имало 300 случаи во речиси секој град на државата која тогаш имаше 44 милиони жители.

Сите 20 училишта во Славјанск, град во регионот на Доњецк со околу 100.000 жители, кој претходно беше ослободен, откако накусо беше заземен од сепаратистите во 2014 година, биле тероризирани почнувајќи од 25 јануари, со закани од бомби кои се покажаа дека се лажни. Потоа дојдоа вистинските бомби…

Анализата на СБУ за лажните бомби е актуелна и тогаш, и сега
Напливот на лажни аларми е руска разузнавачка операција, стои во анализата на СБУ во извештајот објавен на 21 јануари минатата година, во кој се вели дека повеќето од заканите се поврзани со извори во Русија или делови од источна Украина кои ги држат сепаратистите поддржани од Москва. Мал број закани дошле од поединци во самата Украина, кои биле имитатори на странски предизвикувачи на стравот.

„Целта на специјалните служби на агресорот е јасна“, се тврди во тој извештај на СБУ. „Да се направи дополнителен притисок врз Украина и да се посее тревога и паника во јавноста. Користен бил софистициран софтвер кој прикрива од каде и од кого доаѓаат заканите.“

Да се потсетиме дека САД, Украина и други земји тогаш велеа дека Русија собрала повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина и дека подготвува нова инвазија. Кремљ тогаш ги негираше намерите за инвазија против својот сосед. Стравот во овие и други градови од границата со сепаратистите беше поголем заради тоа што тие минаа низ воени дејствија и во 2014 година, кога загинаа 13.200 луѓе.

Дека Русија е извор на оваа хибридна војна покажува и фактот дека таа е масовен корисник на методата. Впрочем, во Санкт Петербург постои специјален баталјон кој се занимава со хибридна војна и сајбер напади, истакна неодамна претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани во една дискусија.

„Мислам дека е јасно дека сето тоа има еден извор, а тоа е Путиновата Русија, која шири страв во земјите каде што мисли дека може да влијае со хибридна војна, односно со најави за бомби“, вели Рамадани.

Цел: да се спречат интеграциите на Балканот кон Западот
Хибридните напади се закани кои имаат за цел да наштетат или да влијаат на нечија репутација и статус, без разлика дали се работи за поединец, колектив, институција или држава. Тие се комбинација на воени и невоени средства, вклучувајќи дезинформации, сајбер напади, економски притисок и низа други закани.

Професорот по безбедност Стеван Буџаковски оценува дека „поединечните политички субјекти, без разлика дали се од Македонија или од соседните земји, користат современи методи на хибридни средства за дестабилизација за постигнување политички цели“. Тој додава дека не може да се исклучи тезата дека во заднина може да има центар кој има интерес да го дестабилизира Балканот и кој има интерес да го интегрира во ЕУ.

Според Исмет Рамадани, новата безбедносна криза во Косово може да се поврзе со други обиди за дестабилизација на регионот преку различни хибридни напади. „Имаме дополнително вклучување на меѓународен фактор во тој дел и се надевам дека нема да дозволат да се отвори нова жешка точка“, вели Рамадани.

извор: Civilmedia.mk

Спонзорирано: