25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Пендаровски: Негирањето на македонската нација стана секојдневие, очекуваме реакција од Софија

Претседателот Стево Пендаровски го осуди каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија, но и ставот на бугарскиот европратеник Александар Јорданов кој со погрдни зборови се обрати на Македонците, нарекувајќи ги “Србомански измет”, “титовисти”, “ѓубриња”.

Добивај вести на вибер„Најостро го осудувам вандалскиот чин на каменување на „Македонскиот културен клуб – Никола Јoнков Вапцаров“ во Благоевград, Република Бугарија. Вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, а се разбира и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин. Истовремено, изразувам жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Република Бугарија предводени од пратеници во нивниот Парламент. Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции. На припадниците на полицијата и надлежните органи им честитам за достоинството и професионализмот при справувањето со агресивните вандали“, вели Пендаровски.

Според него, територијалните претензии и негирањето на Македонците станало секојдневие и очекува соодветна реакција од Софија.

„Исто така, сакам да се осврнам и на изјавата на поранешниот амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, а сегашен пратеник во Европскиот Парламент, Александар Јорданов, која содржи навреди и погрдни фрази за македонскиот народ, потполно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот Парламент. Во овој случај сакам да додадам дека не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи. За жал, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станаа секојдневие. За ваквите негаторски испади, очекуваме навремена и соодветна реакција на официјална Софија“, додава претседателот Пендаровски.